ЕУ ги зајакнува „Зелените ленти“: Нови договори за побрз проток на стоки на границите со Западен Балкан и Молдавија

Царинските органи на Македонија, Албанија и Молдавија, во рамки на Самитот ЕУ – Западен Балкан потпишаа три билатерални оперативни договори со кои се унапредува царинската соработка со Грција, Бугарија и Италија. Целта на договорите е да се намали времето на чекање на граничните премини и да се олесни движењето на стоки, преку подобра координација и поефикасни царински процедури.

Меморандумите се дел од Планот за раст на ЕУ за Молдавија и од Иницијативата „Зелени ленти“ на ЕУ и Западен Балкан, која ја предводат Транспортната заедница и ЦЕФТА.

Новите договори се надоврзуваат на веќе постоечки билатерални меморандуми во регионот. Одредбите за размена на царински податоци меѓу земјите членки на ЕУ и земјите надвор од Унијата ќе стапат на сила по воспоставување на соодветната правна рамка и по почетокот на примената на Царинската реформа на ЕУ.

Паралелно со ова, Европската унија обезбедува 54 милиони евра за инвестиции во 11 приоритетни гранични премини, со цел да се овозможи непречен проток на стоки. Ова се смета за конкретен чекор кон постепена интеграција на партнерите од Западен Балкан во Единствениот пазар на ЕУ, во согласност со Планот за раст за Западен Балкан усвоен во 2023 година.

Иницијативата „Зелени ленти“ веќе дава резултати на терен. На граничниот премин Прешево–Табановце меѓу Србија и Северна Македонија е отворена првата приоритетна лента за камиони во регионот, која функционира како зелен коридор за одредени стоки. Благодарение на моделот „едно запирање“ (one-stop-go), воведен во 2021 година, времето на чекање е значително намалено, а трговијата е забрзана во двата правци.

Првиот граничен премин со Зелена лента меѓу Западен Балкан и ЕУ започна со работа во 2022 година, на границата меѓу Грција и Северна Македонија. Предвремената размена на информации овозможува подобри процени на ризикот и побрзи контроли, што отвори простор иницијативата да се прошири и на други земји членки на ЕУ.

Според Европската комисија, воспоставувањето на Зелените ленти е важен чекор кон подобро управување со границите и поблиска економска интеграција на регионот со Европската унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот