Есенски музички свечености: Хор со маски и сукцесивна објава на програмата

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје почна со реализацијата на 21-то издание на традиционалната манифестација „Есенски музички свечености“. Официјалното отворање беше одбележано со Гала-оперски концерт на Националната опера на 4 ноември. На концертот настапија солистите Марјан Јованоски, Елена Голомеова, Драган Ампов, Ристе Велков, Билјана Јосифов, Десанка Глигоријевиќ, Наде Талевска Спасовска и Зоран Сотиров, како и хорот и оркестарот на НОБ под диригентската палка на Иван Еминовиќ. На концертот беа изведени арии од оперите „Севилскиот бербер“, „Кармен“, „Така прават сите“, „Макбет“, „Ромео и Јулија“, „Војвотката од чардашот“, „Травијата“, „Арлезијанка“, но и Хорот на циганите од „Трубадур“ и Хорот на Евреите од „Набуко“.

Следен настан на „Есенски музички свечености“ беше концертот на Гордана Јосифова Неделковска на обоа, со гостите Влатко Стефановски (гитара), Страшо Темков (флејта), Елена Атанасовска-Ивановска (пијано) и Инес Неделковска (пијано). Редуцираниот број публика на настаните целосно ги почитува протоколите за заштита од коронавирусот, а изведувачите од хорот и оркестарот на НОБ, исто така, настапуваат со маски на сцената.

– Манифестацијата целосно ќе биде посветена на домашните уметници со желба да дадеме конкретен придонес и можност повеќе за нивно претставување пред публиката. Во програмата се планирани настапи на национални установи, како и повеќе камерни концерти. Целосната реализација на програмата, сепак ќе зависи од тоа како ќе се развива здравствената состојба во државата и според протоколите кои ќе бидат донесени од државните органи – објавија од Дирекцијата за култура и уметност.

Следната програмата ќе биде сукцесивно објавувана во текот на ноември, информираа од Дирекцијата за култура и уметност, која изрази благодарност кон покровителите на манифестацијата Министерството за култура и Град Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 55, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 ноември 2020)

Видео на денот