„Епстин ме злоупотребуваше додека беше во домашен притвор“ – ново сведоштво на жртва на сексуалниот престапник
Жртва на Џефри Епстин раскажа како покојниот сексуален престапник ја злоупотребувал, а тоа го правел додека бил во домашен притвор поради подведување млада девојка на проституција, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Роза, која како тинејџерка била регрутирана од Узбекистан од соработникот на Епстин и моден агент Жан-Лик Брунел, за првпат јавно проговори заедно со повеќе жртви на сослушување организирано од демократите во Претставничкиот дом на САД.
Таа изјави дека Брунел ја запознал со Епстин во јули 2009 година, дека Епстин ѝ понудил работа „за да ѝ помогне со финансиските проблеми“, а подоцна ја силувал во период од три години.
Демократскиот конгресмен Роберт Гарсија изјави дека првото неформално сослушување било одржано во Вест Палм Бич, Флорида, бидејќи таму „првпат излегле на виделина“ злосторствата на Епстин.
Сослушувањето, за кое Гарсија посочи дека било одржано и во близина на резиденцијата Мар-а-Лаго на американскиот претседател Доналд Трамп, го организирале демократите од Комитетот за надзор на Претставничкиот дом и локални демократски претставници.
Комитетот, во кој мнозинство имаат републиканците, моментално ги истражува злосторствата на финансискиот магнат. Демократските членови на комитетот се фокусирале на проверка на начинот на кој администрацијата на Трамп постапувала со документите поврзани со Епстин.
Сослушувањето нема правна моќ, но било организирано со цел случајот „Епстин“ да остане во фокусот на јавноста.
Демократските законодавци слушнале сведоштва за тоа како Епстин и неговите соучесници со години избегнувале одговорност и како жртвите постојано биле изневерувани од правосудниот систем.
Роза, чие име било наведено само по првото име за време на сослушувањето, рече дека имала 18 години кога го запознала покојниот Брунел во 2008 година и дека ѝ било „ветено манекенска кариера надвор од моите најсмели соништа“.
„Доаѓајќи од финансиски нестабилна средина, бев совршена мета за присила“, додаде таа за време на емотивното сведочење.
До мај 2009 година, таа била во Њујорк со виза, а во јули го запознала Епстин во неговата куќа во Вест Палм Бич додека бил во домашен притвор, изјави Роза.
Епстин потоа ѝ понудил работа во неговата „Флорида Сајенс Фаундешн“, каде што работел во рамки на почетниот договор што му дозволувал да ја напушта притворската установа до 16 часа дневно, шест дена неделно, по неговата пресуда во 2008 година.
„Еден ден неговата масерка ме повика во неговата соба, каде што Џефри првпат ме сексуално злоупотреби. Во следните три години бев изложена на постојани силувања“, изјави Роза пред сослушувањето.
Епстин почина во затворска ќелија во Њујорк на 10 август 2019 година, додека чекаше судење по обвиненија за сексуална трговија.
„Што сакате да направам, да плачам?“ – прошталната порака на Епстин седум години се чува во тајност
Неговата пресуда во 2008 година била за подведување малолетничка на проституција, поради што бил регистриран како сексуален престапник.
Извештај објавен во вторникот од демократските членови на комитетот за надзор утврдил дека контроверзниот договор за признавање вина, договорен од адвокатот на Епстин во 2008 година, му овозможил „да продолжи со злоупотребите и трговијата со луѓе речиси уште една деценија“.
Роза изјави дека злоупотребата што ја извршувал Епстин додека бил во домашен притвор „ја правела правдата невозможна“, но дека „на крајот собрав храброст да побарам помош“.
Сепак, таа рече дека повторно била трауматизирана откако нејзиното име по грешка било објавено во документите поврзани со Епстин, објавени од Министерството за правда на САД, „додека богатите и моќните останаа заштитени“.
„Сега новинари од целиот свет ме контактираат. Не можам да живеам без постојано да гледам зад себе. Можам само да замислам какво долгорочно влијание ќе има оваа ‘грешка’ врз мојот живот“, рече таа.
Министерството за правда претходно соопшти дека „многу сериозно ја сфаќа заштитата на жртвите“ и дека отстранило од својата веб-страница повеќе документи поврзани со Епстин откако жртвите рекле дека нивниот идентитет бил компромитиран поради погрешни редакции во материјалите. Министерството наведе дека тие биле резултат на „техничка или човечка грешка“.
Сестрата на жртвата на Епстин го пријавила во 1996 година. ФБИ не презело ништо


