„Што сакате да направам, да плачам?“ – прошталната порака на Епстин седум години се чува во тајност

Прошталната порака што Џефри Епстин наводно ја напишал во затворот на Менхетн речиси седум години се чува во тајност. Заклучена е во суд во Њујорк, објави Њујорк тајмс.

Цимерот од ќелијата рекол дека пораката ја пронашол во јули 2019 година, откако Епстин бил пронајден без свест, со парче ткаенина околу вратот. Епстин тогаш преживеал, но неколку недели подоцна бил пронајден мртов во затворот.

Пораката подоцна ја запечатил федерален судија во рамки на кривична постапка против самиот цимер, според документи и разговори. Тоа значи дека истражителите кои ја анализирале смртта на Епстин, случај што предизвика големо внимание во јавноста, немале увид во потенцијално клучен доказ.

Објавени милиони страници документи

„Њујорк тајмс“ денеска побара од судот пораката да биде објавена. Според зборовите на цимерот Николас Тартаљоне, во пораката пишувало дека е „време за збогување“.

Иако Тартаљоне минатата година ја спомнал пораката во поткаст, рачно напишаниот текст и понатаму не е достапен за јавноста, и покрај големата транспарентност околу владините истраги за Епстин. Од декември, американското Министерство за правда објави милиони страници документи поврзани со сексуалниот предатор.

„Њујорк тајмс“ не ја видел пораката и не успеал да ја пронајде во списите за Епстин. Портпаролката на Министерството за правда изјавила дека ниту таа институција не го видела документот.

Сепак, нејасна хронологија на две страници во достапните записи опишува како пораката се нашла во сложена правна постапка против Тартаљоне. Во документот се наведува дека адвокатите на Тартаљоне ја потврдиле автентичноста на пораката, но без објаснување како. Ако навистина ја напишал Епстин, таа би можела да даде увид во неговата состојба на умот во неделите пред смртта, кога бил пронајден обесен за кревет.

Смртта на Епстин официјално прогласена за самоубиство

Портпаролката на Министерството за правда рече дека, во согласност со федералниот закон што наложува објавување на списите за Епстин, била спроведена опсежна потрага по сите документи што ги поседува институцијата, вклучително и оние од Управата за затвори и Канцеларијата на главниот инспектор.

Смртта на Епстин, на 66-годишна возраст, официјално е прогласена за самоубиство. Но пропустите во безбедноста во затворот на Менхетн, кој во меѓувреме е затворен, поттикнаа бројни теории за околностите на неговата смрт и за можноста дека бил убиен. По инцидентот во јули, кога на неговиот врат биле забележани повреди, Епстин изјавил дека Тартаљоне го нападнал и дека не е склон кон самоубиство.

Тартаљоне, поранешен полицаец обвинет за четирикратно убиство, со години негира дека го нападнал Епстин. Записите на Управата за затвори покажуваат дека една недела по првичното обвинение, Епстин им кажал на службениците дека никогаш немал проблеми со Тартаљоне и дека се чувствува безбедно во неговата ќелија.

Тартаљоне во 2023 година беше осуден и сега издржува четири доживотни казни затвор. Поднел жалба и тврди дека е невин. Во неодамнешни телефонски разговори од федерален затвор во Калифорнија, Тартаљоне ја изнел својата верзија на настаните и објаснил како ја пронашол пораката.

Тартаљоне ја предал пораката на своите адвокати

По инцидентот во јули, Епстин бил преместен во друг дел од затворот и кратко време бил под надзор поради опасност од самоубиство. Во тоа време, тврди Тартаљоне, ја пронашол пораката во својата ќелија, скриена во роман.

„Ја отворив книгата за да читам и таму беше“, рекол Тартаљоне, опишувајќи парче жолта хартија искинато од тетратка.

Според неговите зборови, во пораката пишувало дека истражителите со месеци го проверувале Епстин и „не пронашле ништо“. Додал дека пораката содржела и реченица: „Што сакате да направам, да почнам да плачам? Време е за збогување“.

Тартаљоне ја предал пораката на своите адвокати бидејќи, како што вели, можела да биде корисна доколку Епстин продолжел да тврди дека се обидел да го нападне. Пораката не е спомната во официјалните истраги за смртта на Епстин, вклучително и во извештајот на Канцеларијата на главниот инспектор од 2023 година, која не сакала да го коментира случајот.

Но документ со хронологија, објавен во рамки на списите за Епстин, го опишува патот на пораката низ правосудниот систем. Не е јасно зошто документот, насловен „Хронологија“ и напишан со користење иницијали за затворениците и адвокатите, бил составен, ниту кој го напишал.

Ангажирале експерти за ракопис

Според тој документ, на 27 јули 2019 година, четири дена по наводниот обид за самоубиство, Тартаљоне се сретнал со својот главен адвокат Брус Баркет и му кажал за пораката.

Кога чуварот рекол дека Тартаљоне не може да оди во ќелијата по пораката, Баркет го советувал да му ја предаде на следниот адвокат што ќе го посети. Потоа Баркет му се јавил на друг адвокат, Џон Видер, и го замолил да ја преземе пораката од клиентот.

Документот покажува дека адвокатите во следните неколку дена двапати се обиделе да ја потврдат автентичноста на пораката, но без успех. Успеале да го направат тоа кон крајот на 2019 или на почетокот на 2020 година, се наведува.

„Моите адвокати тогаш сакаа да бидат сигурни дека не сум ја напишал јас“, порачал Тартаљоне во интервју од јули 2025 година за поткастот на Џесика Рид Краус. Навел дека ангажирале експерти за ракопис.

Портпаролот на судот одбил да го коментира постоењето на запечатени документи

Судијата Кенет М. Карас, кој го води случајот на Тартаљоне пред федералниот суд во Вајт Плејнс, на крајот наредил пораката да биде предадена на судот, рекле Тартаљоне и Видер. Видер потврдил дека лично ја однел пораката во суд и му ја предал на службеник, но тврди дека не се сеќава на нејзината содржина.

Се чини дека пораката станала дел од долготраен спор меѓу адвокатите на Тартаљоне, поради што судијата именувал независен адвокат за да го испита конфликтот. Документите поврзани со тој спор се запечатени заради заштита на доверливоста на односот меѓу адвокат и клиент.

Судијата подоцна донел одлука со која го исклучил Видер од случајот, повикувајќи се на посебна, исто така запечатена одлука што ги објаснува причините. Видер не сакал да ја коментира својата дисквалификација. Портпаролот на судот одбил да го коментира постоењето на какви било запечатени документи, наведувајќи дека таквите записи се чуваат во судски трезори поради безбедност.

Се снима серија за Џефри Епстин – Лора Дерн ќе ја игра новинарката што му ги истражуваше злосторствата

Се следат траги од документите на Епстин – претреси во банката „Едмонд де Ротшилд“ во Париз

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот