Фото: Profimedia

Епстин повторно ја тресе Америка – Клинтонови во центарот на вниманието

Републиканците предупредуваат дека Клинтонови се законски обврзани да сведочат во истрагата за Џефри Епстин и дека одбивањето може да резултира со обвиненија и затворски казни.

Комитетот за надзор и реформи на владата на американскиот Претставнички дом, предводен од републиканците, најави дека ќе го обвини поранешниот претседател на таа земја Бил Клинтон и неговата сопруга, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, за непочитување на Конгресот доколку следната недела не се појават на затворени за јавноста сослушувања во рамки на истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, пренесе „ЊуПост“.

Портпаролот на Комитетот денеска соопшти дека е издаден судски повик до Бил Клинтон, кој бил поврзуван со Епстин, да се појави пред конгресните истражители на 13 јануари, додека Хилари Клинтон добила судски повик за сведочење на 14 јануари, но дека досега ниту еден од нив не потврдил дека ќе се одазове.

„Тие по закон се обврзани да се појават и очекуваме тоа да го сторат. Доколку Клинтонови не се појават со своите искази, Надзорниот одбор на Претставничкиот дом ќе покрене постапка за непочитување на Конгресот“, изјави портпаролот во соопштението.

Оваа моќ на Конгресот, која ретко се користи, може да им донесе и затворски казни на Клинтонови.

Како пример за потенцијално сериозните последици од обвиненијата за непочитување на Конгресот, двајца соработници на Трамп, Стив Бенон и Питер Наваро, беа осудени на затворски казни поради одбивање да соработуваат по судските повици од страна на одбор предводен од демократите, кој ги истражуваше нападите на Капитол на 6 јануари 2021 година.

Портпаролот на Бил Клинтон претходно соопшти дека поранешниот американски претседател не знаел за злосторствата на Епстин и дека од 2019 година нема разговарано со него повеќе од една деценија.

ГАЛЕРИЈА: Досега непозната и морничава приказна за Џефри Епстин, раскажана од фотограф

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот