Епидемијата го извади на површина запоставувањето на инспекторатите

Фото: mia.mk

Поради пензија, но и од други причини, вработување на нови 107 инспектори се неопходни идната година за непречено вршење на работата. ДСЗИ побара и помош во административци, но не сите решија да им излезат во пресрет

Инспекциските служби кубурат со кадар. Нови вработувања нема, а од друга страна се повеќе инспектори заминуваат во пензија, додека пак обемот на работа континуирано расте. Се позачестени се и контролите на терен, откако инспекторатите станаа еден од главните столбови во справување со епидемијата од корона вирусот во земјава. Иако во овој период товарот најмногу падна на плеќите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, како и Пазарната инспекција, сепак во скоро секоја инспекциска служба значително се чувствува дефицитот на кадар.

Првиот човек на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашкоска информира дека веќе тече втората недела откако до Владата е доставена анализата на инспекциските служби за тоа колку вработувања им се неопходни, за непречено да можат да ја извршуваат својата дејност. За 2021 година очекуваат да им бидат одобрени вработувања за вкупно 104 инспектори, за сите инспекциски служби на целата територија на земјата. Грашкоска појаснува дека во најголемиот дел оваа бројка се должи на заминувањето во пензија на актуелните инспектори, па оттаму нема дополнителни финансиски импликации врз буџетот, бидејќи овие средства за плати се веќе предвидени.

– Чекаме да се заврши процедурата, бидејќи во моментов се прибавуваат мислења од сите засегнати институции. Се надевам дека во скоро време ќе добиеме позитивен одговор, бидејќи веќе подолг период инспекциските служби биле запоставувани и се забележува поголем одлив, отколку прилив на кадар, вели Филиповска Грашкоска.

Од Владата велат дека се свесни за предизвиците со кои се соочуваат инспекциските служби, а вицепремиерот за корупција и човечки ресурси, Љупчо Николовски истакна дека тие се важен контролен механизам и се заложи дека ќе им се излезе во пресрет на барањата.

– Информацијата за кадровско зајакнување на капацитетите на инспекциските служби е во владина процедура. Евидентно е дека им е потребен значително поголем број луѓе и ресурси, и онаму кадешто има потреба согласно анализата на Инспекцискиот совет, ќе се овозможат нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционирање на инспекциските служби, велат од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Претходно, директорот на Државниот пазарен инспекторат изјави дека 37 инспектори се очекува да заминат во пензија до крајот на годинава, а неговото барање за нови дваесет вработувања било одбиено од страна на Министерството за финансии.

ДСЗИ, пак, побара дури и помош од Владата да им бидат отстапени на располагање шеесет административни службеници кои ќе им помогнат при изготвувањето на решенијата за изолација и самоизолација. На ваквото барање за дополнување на човечките ресурси Владата и Главниот кризен штаб дале препорака по двајца помагачи да им обезбедат општините, плус осум лица да им отстапи Владата, но не секоја општина решила да му излезе во пресрет на инспекторатот, кој и во нормални услови се справува со недостиг на кадар.

Имавме десет години застој во вработувањата во ДСЗИ. Вкупно сме 71 вработен во институцијата, а бројката на нововработени зависи и од вкупниот број на вработени и периодов вршиме систематизација. Во однос на прашањето дали ја добивме побараната помош – во моментов имаме 44 лица кои ни помагаат во техничката изработка и испраќање на решенијата на лица позитивни на Сарс-КОВ-2 и лица-контакти со позитивни лица. Во тек се консултации со општините за усогласување на целата постапка, вели директорката на ДСЗИ Иринка Сотирова Бухова.

Инаку, изминативе три недели инспекторатите имаат и проширени надлежности, откако Собранието ги усвои измените и дополнувањата во Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, а една од позначајните новини е во работата на пазарните инспектори. Тие отсега имаат можност веднаш штом утврдат непочитување на протоколите да затворат на минимум десет дена угостителски објект. Па така, откако стапија измените затворени се по еден објект во Куманово, Охрид и Тетово и два во Гостивар, што според ДПИ е намалување на бројката на прекршители.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот