Фото: ffm.mk

Елмас: Треба да бидеме фокусирани на нас и да играме понапаѓачки

Македонската фудбалска А репрезентација ги продолжува подготовките за контролните натпревари против Босна и Херцеговина во Сараево и Турција во Истанбул. Елиф Елмас вели дека новиот циклус, промените во тимот и новиот селектор бараат целосен фокус на сопствената игра и создавање на препознатлив стил на теренот.

– Имаме нов селектор, ова е втор собир и има нови играчи. Најважно е да бидеме фокусирани на нас и на тоа што треба да го изградиме како репрезентација пред септемвриските натпревари. Нè очекуваат силни противници и мора максимално да се подготвиме – изјави Елмас.

Нашиот репрезентативец смета дека тимот треба да игра поотворено и поофанзивно, но и да ја задржи компактноста кога е потребно.

– Очекувам да играме понапаѓачки, затоа што ако не напаѓаш, не можеш да победиш. Фудбалот бара баланс, некогаш треба сите да се браниме, а некогаш сите да нападнеме. Ќе биде важно како ќе ги спроведеме задачите што ќе ги добиеме од селекторот – рече Елмас.

Елмас се осврна и на отсуството на капитенот Енис Барди, посочувајќи дека неговото присуство секогаш има големо значење за тимот. Додаде и дека овие натпревари со Босанците и Турците ќе бидат добра можност за новите фудбалери да се вклопат во репрезентацијата.

– Енис е многу важен за нас, како капитен и како човек во соблекувалната. Ќе недостасува на овие натпревари, затоа што и кога не игра, многу им помага на сите. Секогаш позитивно ги пречекуваме новите играчи, без разлика од каде доаѓаат. Кога се игра за Македонија, сите го даваат максимумот. Наша задача е да им помогнеме побрзо да се вклопат и да создадеме добра атмосфера како што беше и претходно – се зборовите на Елмас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот