Езеро „Треска“/Фото: Слободен печат-Методи Здравев

Елитниот план за езерото „Треска“ падна во заборав — нема кој да го спроведе, остана само руината

Минатата година згасна единствената институција што требаше да го „истурка“ овој проект за ревитализација на езерцето – Агенцијата за поддршка на туризмот. Па ако дотогаш ништо не се презема, како ќе се одвиваат работите сега?

На просторот на некогашната атракција за скопјани, езерото „Треска“, наскоро нема да има ни елитни хотели ни бунгалови, луѓето нема да се рекреираат покрај отворени и затворени базени, ниту ќе се сончаат на плажа покрај чистите езерски води. Ниту камче не е поставено според Деталниот урбанистички план за „Треска“, кој „бомбастично“ беше претставен од Општина Сарај уште пред пет години, а Владата веднаш потоа донесе одлука за формирање туристичка развојна зона „Сарај – езеро Треска“.

Езерцето што беше изградено во далечната 1978 година со самопридонес од скопјани, а две децении потоа затворено за капење поради бактериолошки загадена вода, речиси 30 години пропаѓа. Освен најавите од 2021 година дека таму сепак нешто ќе се прави и освен што потоа беше урнат и кампот и остатоците од поранешните објекти, демек да се расчисти просторот за градба, апсолутно ништо не е направено.

Денес тажна е сликата на она што некогаш претставуваше езерцето и просторот околу него. Корито без вода и со израснати треви, запуштен простор, ѓубре на сите страни. За град со клима каква што има Скопје, со изгор жешки лета, простор каде што ќе можат и да се рекреираат и да се освежат граѓаните, како што беше езерото „Треска“, е повеќе од потребен и затоа речиси е несфатливо зошто со години никој од надлежните, кои се менуваа низ годините, не презема ништо за негово обновување.

ФОТО+ВИДЕО | Езерото „Треска“ од летна атракција стана „оаза“ на ѓубре и урнатини

Според одлуката за формирање на ТРЗ „Сарај – езеро Треска“, формирањето, развојот и следењето на зоната во име на Владата требаше да ги врши Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Во одлуката исто така беше наведено дека со државното земјиште со површина од речиси 79 хектари ќе управува оваа Агенција, која може да го отуѓува во согласност со Законот за туристички развојни зони. Поточно, Агенцијата требаше да објави национален оглас на кој ќе аплицираат заинтересираните инвеститори, односно да ја подготви зоната за продажба според Законот за туристички развојни зони.

Продажбата не се случи, поради тоа што на просторот не биле расчистени имотноправните односи, а Агенцијата, како што изјавуваа оттаму, не можела да постапува додека не поседува уредни документи.

Минатата година згасна единствената институција што требаше да го „истурка“ овој проект за ревитализација на езерцето – Агенцијата за поддршка на туризмот. Па ако дотогаш ништо не се презема, како ќе се одвиваат работите сега?

ВИДЕОАНКЕТА | Што мислите за запуштањето на езерото Треска?

Од Владата и од Министерството за култура и туризам побаравме одговор која институција е сега надлежна за спроведување на проектот за езерото „Треска“, дали наскоро се планира ревитализација на езерото и почеток на изградба на туристичката зона, односно дали воопшто ќе се реализира овој проект.

Од Министерството молчат, иако вработените од поранешната Агенција станаа дел од Секторот за туризам на ова министерство, а од Владата објаснуваат дека со укинувањето на Агенцијата, постојниот закон стана неприменлив. Ова би значело дека сега нема кој да го спроведува проектот.

 Зоната е формирана со одлука на Владата, при што беше формирана и Комисија во согласност со тогаш важечкиот закон. Комисијата не беше во можност да изврши отуѓување, бидејќи според Законот за градежно земјиште, не ги исполнуваше условите за спроведување на постапките во системот за е-градежно земјиште. Поради тоа, отуѓувањето требаше да го изврши Владата. Со укинувањето на Агенцијата, постојниот закон стана неприменлив, односно остана без институционален носител, што доведе до тешкотии во примената на одредбите од стариот закон – велат од Владата.

Оттаму додаваат дека Владата формирала работна група која работи на измените на законот. Но, не одговараат конкретно на прашањето ќе заживее ли некогаш повторно езерцето „Треска“ и просторот околу него.

Во 2021 година Општина Сарај го претстави планот за просторот кај езерото, кој предвидува изградба на хотели, трговски центар, објекти за привремено сместување и простор предвиден за рекреација, при што целиот простор беше поделен во четири блокови.

Првиот блок е сегашниот комплекс на езерото „Треска“, кој е со површина од 13 хектари, каде што се планираат спортски терени на отворено, базени, аквапарк, забавен парк, амфитеатар, ботанички градини. Во оваа зона е формирана градежна парцела каде што е вцртана маркичка за хотелски комплекс со приземје, три ката и поткровје со висина од 15 метри. Предвидени се и пропратни содржини како ресторани, спа и фитнес-центри, центар за алтернативна медицина, отворени и затворени базени, а покрај хотелот се планирани и дрвени бунгалови.

Ниту чиста вода, ни плажа, ни елитни хотели: Езерото „Треска“ остана запуштено и заборавено од сите

Втората, третата и четвртата зона што се урбанизираат со овој план се надвор од езерото и го опфаќа земјоделското земјиште од селата Глумово и Шишево кое Владата го пренамени во градежно.

Во втората зона што се наоѓа од десната страна на реката Треска се предвидуваат маркички за викенд куќи со приземје, два ката и поткровје на површината од 12 хектари. Третата зона со површина од 10 хектари е од левата страна на реката, кај влезот на езерото, каде ќе се градат хотелски комплекси со два ката и поткровје, а во четвртата зона која е најмала со површина од 2,4 хектари се предвидена маркичка за трговски центар и пазар на отворено.

Според планот во рамките на комплексот требаше да има и шанкови, соблекувални и детски реквизити. Водата од езерото, како што беше кажано, требаше да се чисти преку прочистителна филтер-станица, а плажата да биде во должина од 30 метри.

Целата инвестиција пред пет години беше предвидено дека ќе чини околу 200 милиони евра, а рокот за реализација на проектот требаше да биде три години од почетокот на изградба.

Оттогаш поминаа цели пет години, а нема најава ниту кога и дали ќе почне некогаш изградбата, а не пак рок кога новите генерации скопјани евентуално би можеле да се рекреираат покрај езерцето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот