ФОТО+ВИДЕО | Езерото „Треска“ од летна атракција стана „оаза“ на ѓубре и урнатини
Ужасна е и состојбата во која е оставен сиот простор околу езерото, вклучувајќи ги патеките, ледините, местата каде порано имало ресторани и кафулиња, патеките, скалите за спуштање кон реката Треска и паркинзите. Сето ова денес „плива“ во ѓубре, градежен шут, кабаст отпад
Сместено во падините кај кањонот Матка, на огромна површина и делумно прикриено од високо израснатите дрвја околу него, во скопската општина Сарај се наоѓа една од најголемите поранешни летни туристички атракции во главниот град – уништеното и нефункционално езеро Треска, кое за жал скоро две децении скапува и „тоне“.
Препорачано

Зелена оаза за спас од скопскиот метеж и горештини
Имено, овој комплекс бил изграден во 1978 година на иницијатива и со финансиски придонес од скопјани, се простирал на огромна површина, а капалиштето имало капацитет за дури 10.000 капачи.
Околу езерото се наоѓале бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, спортски терени, огромни паркинзи, високи дрвја, зеленило насекаде, со што ова место било вистинска оаза за излез и одмор од скопските жештини и метеж.

Преку лето во рестораните се организирале свадби, крштевки и разни прослави, а во кафулињата забави за помладата популација. На дел од просторот покрај езерото имало и камп со околу 550 приколки, чии корисници беа токму оние „најупорните“ посетители, кои и откако беше забрането капење во езерото поради бактериолошката загаденост, продолжија да се грижат за просторот и да ја одржуваат хигиената во околината, сѐ додека не беа принудени да го напуштат кампот, а со тоа се означи и целосен крај на оваа убава скопска приказна.
Целиот комплекс „тоне“ во ѓубре и рушевини
Денес, сликата која ја видовме при посетата на овој комплекс беше тажна и разочарувачка. Езерското корито има вода „колку да се каже“, не повеќе од 15 сантиметри, долж коритото се израснати високи треви, а доказ за убавата вегетација со која изобилува просторот се и трските кои успеале да израснат и да го покријат целиот пресушен простор.

Сепак, колку и да е неверојатно, може да се забележи дека и покрај бактериолошките загадувања низ годините, уништувањето на коритото и значително намалениот водостој, во езерото се’ уште можат да се забележат риби кои некако опстојуваат во видно отежнатите услови што им се „овозможени“ од безгрижните и незаинтересирани надлежни институции, кои го оставија ова место да скапува.
Ужасна е и состојбата во која е оставен сиот простор околу езерото, вклучувајќи ги патеките, ледините, местата каде порано имало ресторани и кафулиња, патеките, скалите за спуштање кон реката Треска и паркинзите. Сето ова денес „плива“ во ѓубре, градежен шут, кабаст отпад, тековно ѓубриво кое дел од граѓаните продолжиле да го депонираат на овој запуштен простор.

Еден од рестораните чија градба е единствената која е останата неурната, не е во ништо подобра состојба од сите останати места во оваа мега-депонија. Искршени врати и прозори, искршен шанк, уништени тоалети и демолирана кујна е она што останало од овој ресторан, кој веројатно некогаш работел во полна пареа.
Невозможно е да не се забележат и над 20-те диви депонии кои ги пронајдовме долж комплексот, а најбројни беа оние покрај патот кој води до и околу езерото, каде имаше и една „свежа“, од каде се’ уште се гледаше чад, бидејќи да, освен што нелегално го депонираат, луѓето овој отпад и го палат. Видовме и изгорени тревници, изгорени и исушени дрвја и дел дрва насилно откорнати од земја.

Поразителните слики од езерото се потврда за целосната негрижа и незаинтересираност на властите кои, иако се менуваа и ветуваа, не исполнија и не започнаа иницијатива за спас и „оживување“ на комплексот „Треска“.
Заборавен проектот за обнова вреден 200 милиони евра
Во 2013 година со одлука на Владата, управувањето со езерото беше префрлено од Град Скопје на Општина Сарај. Шест години подоцна, Владата предводена од СДСМ дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево, го пренамени во градежно, за да може Општината да подготви ДУП, а во март 2021 година одлучи дека ќе ја продолжи постапката за основање Туристичка развојна зона „Сарај – Езеро Треска”.

Оттогаш, единствената активност од Општина Сарај, како надлежни за „Треска“, беше во 2021 година, кога ги урнаа рестораните и кампот со најава дека на овој простор ќе никне нов огромен спортско-рекреативен центар, а околу езерото ќе се градат хотели, бунгалови и трговски центри.

Истата година беше претставен Деталниот урбанистички план за просторот кај езерото „Треска“ на Општина Сарај кој предвидуваше осум хектари за изградба на хотели, трговски центар, објекти за привремено сместување и простор од 31 хектар наменет за спорт и рекреација, при што целиот простор беше поделен во четири блокови, а иницијалната инвестиција тогаш изнесуваше 200 милиони евра.
– Блокот 1 на површина од 31 хектар предвидено е да се намени за спорт и рекреација, во блок 2 на површина од 10 хектари ќе бидат изградени бунгалови со максимална височина од 10.20 метри со приземје, два ката и поткровје. Во блокот 3 е предвидена изградба на хотели на површина од 8 хектари со максимална висина од 4.50 до 11.50 метри и максимален број од четири катови. Во блокот 4 предвидено е да се направат трговски објекти на површина од 1.1 хектари – соопшти тогаш градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџeти.
Во рамките на комплексот беше предвидено да има и шанкови, соблекувални и детски катчиња. Водата од езерото, покрај кое требаше да има плажа долга 30 метри, беше предвидено да се чисти преку прочистителна филтер станица. Сега во коритот има само една жолтеникава линија која го означува местото до каде имало вода.

Планот предвидуваше на влезот на комплексот да има пазар на отворено на кој ќе се продаваат земјоделски производи, кулинарски специјалитети и рачни изработки, а сега на влезот има десетина диви депонии, флеки по патот од автомобилски трки и катанец на врата.
Според Беџети, целата инвестиција би чинела околу 200 милиони евра, а рокот за реализација на проектот требаше да биде три години од почетокот на изградба, но почеток за жал немаше и од најавениот комплекс досега нема ништо освен запуштениот пропаднат простор, исполнет со плочки, бетонски рушевини, животински измет и отпад.



