Електроакустична музика за деца од Ана Пандевска е објавена на компакт-диск
Домот на културата „25 Мај“ во Валандово и Виктор Давчев, стручен соработник за музика и музичко-сценска дејност во Валандово, како дел од програмата поддржана од Министерството за култура за 2022 година, го издадоа новиот авторски компакт-диск на композиторката Ана Пандевска.
Препорачано
По успешниот авторски концерт за деца, насловен како и новиот компакт-диск, „Во светот на чудата“, кој се одржа на 24 септември 2022 година, за првпат во Македонија е издадена и електроакустична авторска музика наменета за деца, но и во изведба на деца.
Изданието е составено од 16 пиеси за пијано и фиксен медиум. Музиката е на Ана Пандевска, а изведбата е на малите пијанистки Ана Мазнејкова и Ивана Мазнејкова.
Продукцијата е на Филип Стевановски, дизајнот за идејното и графичко обликување е на Маја Рамона, а изданието е печатено во „ФИС Продукција“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 158, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 декември 2022)


