„Експлоатација на работниците и враќање во феудализам“: „Гласен текстилец“ за изгласаниот закон за работното време за коридорите

„Работното време на коридорите 8 и 10д, кое „Гласен Текстилец“ пред само неколку месеца го оспори пред Уставен суд, а тој суд го оцени како неуставно законско решение, денеска беше донесено со европско знаменце од страна на владината коалиција“, реагира Кристина Ампева од здружението.
Таа вели дека ова е уште еден пример на злоупотреба на европското знаменце, но и кршење на конвенциите на Меѓународната организација на трудот.
-Ова е враќање во феудално општество и експлоатација на градежните работници. Ова е само еден грозен почеток на злоупотреба на работничките права, со наводно стратешки проект и дозвола за прекувремена незаконска работа, кој почеток понатаму ќе се користи и за останати дејности да бидат квалификувани како стратешки дејности, проекти, интереси, под влијание на разни структури, крупниот капитал, олигарсите, вели Ампева.
Забележува дека ова е пораз за сите работници, за сите синдикати и за нив како организација, која пред неколку месеци го оспори ова пред Уставен суд.
– Оттука упатуваме голема загриженост за состојбата со човековите права, со почитувањето на законите, злоупотреби со европско знаменце за неевропски закон. Но, и очекуваме дека претседателот на државата Стево Пендаровски денешните изгласани закони, вклучително и измената во Законот за работни односи, да не ги потпише, се вели во реакцијата.