Новата студија откри: Децата користат „токсични шминки за деца“

Фото: Профимедиа

Многу деца во САД користат потенцијално токсични козметички производи наменети за деца, потврди новата студија, а објавува „Њујорк пост“. Користењето на т. н. „шминка за деца“ и бои за лице и тело се чини не е така безопасно, како што го прикажуваат големите маркетинг компании.

Истражувачи од „Училиште за јавно здравје Мејлмен“ (Mailman School of Public Health) при Универзитетот Колумбија и непрофитабилната организација „Земјина правда“ (Earthjustice) предупредуваат дека овие производи не се сигурни за употреба и можно е да содржат токсични хемикалии како тешки метали, кои можат да имаат сериозни нуспојави и да бидат многу штетни по здравјето на децата.

Тимот од истражувачи ги анализирале резултатите од повеќе од 200 испитаници, од кои дури 79 отсто од родителите потврдиле дека нивните деца до 12 години користат таканаречена „шминка за деца“. Тоа се производи дизајнирани и наменети за игра, а вклучуваат сјаеви за усни, бои за цртање на лицето и светки, па дури и сенки за очи.

Студијата објавена во „Меѓународен весник за истражување на животната средина и јавно здравје“ (International Journal of Environmental Research and Public Health), сугерира дека 54 отсто од децата ги користат овие производи еднаш месечно, додека 12 отсто ги употребуваат секојдневно.

Студијата доаѓа откако државата Њујорк ги зацврсна законите за состојките што се употребуваат во козметичките производи. Почнувајќи од 1 јуни, државата ќе ја забрани продажбата на козметички производи кои содржат жива, познат невротоксин, кој често се наоѓа во средствата за осветлување на кожата.

Живата, конкретно, е поврзана со голем број сериозни заболувања, вклучувајќи одредени видови на рак, респираторни и бубрежни проблеми, губење на одредени сетила, па дури и смрт.

„Децата се особено чувствителни и подложни на овие ризици по нивното здравје, тоа се хемиски состојки кои често се наоѓаат во шминките и боите за тело“, изјавила д-р Џули Хербсман, професорка на Универзитетот Колумбија и една од авторките на студијата. Таа објаснила дека детската структура на телото, нивниот забрзан раст и развој на ткивата и органите како и нивниот неразвиен имунолошки систем ги става во исклучителен ризик од оштетувања предизвикани од опасни токсини.

„Алармантно е тоа што на индустријата ѝ е дозволено да продава шминка и козметички производи наменети за деца, кои во себе содржат екстремно токсични хемикалии“, посочила Лакендра Барајас, адвокат на „Земјина правда“, додавајќи дека студијата подготвена од експертите може да обезбеди релевантни документи во врска со употребата на овие производи меѓу децата. „Се надевам дека федералните агенции ќе преземат конкретни чекори за да ги заштитат децата од изложување на овие штетни хемикалии“, додала Лакендра, со искрено жалење дека во моментот мошне малку се презема за да се реши овој проблем, кој ги засега нашите најмали жители.

Во меѓувреме, глобалниот маркет за детска козметика има потенцијал да достигне вредност од 1795,15 милиони долари до 2026 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот