Дорис Драговиќ/Фото: Звонимир Ферина

Ексклузивно интервју со Дорис Драговиќ пред концертот во Скопје: Универзалната сала беше мојата дневна соба

Најдрагата приказна поврзана со Македонија се седумте распродадени концерти во Универзалната сала. Додавањето нови концерти беше условено од брзината со која исчезнаа билетите за претходниот концерт. Започна наивно: прв, втор, убаво (!), трет, петти (!)… (што!?!)…

Иако долго време не настапувала кај нас, Дорис Драговиќ остана миленичка на македонската публика. Хрватската поп-ѕвезда, една од најголемите дами на регионалната музичка сцена, уште свежо ги памети седумте распродадени концерти во Универзалната сала по Евровизија во 1986 година во Норвешка со „Жељо моја“, евергрин што годинава полни 40 години. Дорис со многуте свои хитови отпеани од душа ни доаѓа во Скопје на 14 март, во Арената „Борис Трајковски“, на заеднички концерт со Петар Грашо во организација на продукција „Прагма“, за кој вели дека е човек што срцето ви го зема на прва топка. Во ексклузивното интервју за „Слободен печат“, таа зборува за новиот албум, љубовта, за животните искуства и родниот Сплит, и вели дека сè уште верува во зборовите напишани со пенкало, наспроти дигиталната технологија.

Неодамна го објавивте новиот албум по пауза од 16 години. Зошто толку долго требаше да помине за ново издание и како вам како уметник ви успева да чекате толку долго за нешто ново и важно? Какви се новите песни?

– Поминаа сто години откако настапував во Македонија. Последен пат настапував со големиот Оливер. Како што минуваат годините, времето лета сè побрзо и побрзо. Сепак, целото тоа време не недостасуваше креативност. И тоа е најважното нешто во животот на секој уметник.

Имаше и предизвици и нови искуства. На пример, во продукцијата на „Дизни“, во „Кралот лав – Муфаса“ го синхронизирав ликот на Афија – мајката и насловната песна, што беше исклучителна чест за мене! Имено, никогаш не сонував дека ќе добијам таква можност. Снимив и два прекрасни, за жал, никогаш објавени, мјузикли, што е искуство кое го надминува сѐ дотогаш познато. Еден од нив е „Гргур“ од големиот Зденко Руњиќ.

Цело време ги имам моите студенти, што е посебна радост, одговорност и гордост. Да се биде педагог е привилегија. И уште многу нешта се случуваа. Како што можете да видите, секогаш правам нешто, нема чекање, само создавам. И новиот албум вреди да се слушне, бидејќи е навистина различен од сè што сум правела претходно.

Дорис Драговиќ/Фото: Звонимир Ферина

Дали сте трпеливи по природа и што мислите дека беше највредното нешто што го добивте во вашиот живот и кариера, а ви беше тешко додека чекавте?

– Вербата! Божјото присуство во мојот живот и соработката со Него!

Винилот, или едноставно кажано, плочата, е објавена на Денот на вљубените. Дали сè уште верувате во „старински“ изјави на љубов како зборови, писма напишани со пенкало во дигиталната ера на вештачката интелигенција?

– Зборовите се важни, писмата напишани со пенкало се уште поважни, бидејќи траат. Сепак, ниту едното од овие не е самата љубов. Сведоштвото за љубовта се животот, делата, прифаќањето на разликите, простувањето. И многу, многу повеќе.

Колку ги користите социјалните мрежи, Четџипити и како се снаоѓате во времето кога емотиконите ги заменуваат зборовите?

– Не знам ниту што е тоа што ме прашавте! Јас и понатаму знам да прошетам кога ми треба нешто. Ова лудило на живеење живот во кутија, на екранот, започна пред околу 10 години, а во океанот на мојот живот, тоа е само капка.

Во Скопје доаѓате на 14 март на заеднички концерт со Петар Грашо. Колку време помина откако сте одржале концерт кај нас?

– Како што реков – сто години. Кога станува збор за љубовта, секоја раздвоеност е преголема, а Македонија и јас се сакаме долго време.

Дорис Драговиќ/Фото: Звонимир Ферина

Која ви е најдрагата приказна поврзана со Македонија и колку ги паметите оние седум распродадени концерти во Универзалната сала?

– Токму тие концерти! Додавањето нови концерти беше условено од брзината со која исчезнуваа билетите за претходниот концерт. Започна наивно: прв, втор, убаво (!), трет, петти (!)… (што!?). „Ако продолжи вака, ќе останеш во Македонија!“, се смееше вашиот татко. Универзалната сала беше мојата дневна соба и целиот мој свет тогаш.

Се сеќавате ли на моментот кога првпат го запознавте Петар Грашо, каква беше таа средба и каква е вашата соработка и дружење денес?

– Ги гледав сите тие деца како растат и се развиваат во генијалци. Петар беше млад човек кога го избра второто помеѓу кошарка и музиката. И не погреши! Тоа го докажа сите овие години, и како автор и како пејач. Тој има срце како океан, а душата ви ја зема на прва топка. Отворен, топол, забавен, секогаш тука кога е потребно… Талентот на Петар е неизмерен, бидејќи ја доживува музиката на посебен, поинаков начин. Внесе новина во она што го прави. Неговите песни не се зададени ноти и тактови, туку повеќе како игралиште на виртуози каде што добрата игра е поважна од воспоставените правила. Затоа е толку успешен, и што е поважно – добар човек! Петар и јас имавме одлична соработка одамна – дуетот „Што је то од мене остало“, кој нè надмина со својата популарност. Бевме гости еден на друг на концертите, што го сметам за посебно богатство.

Дорис Драговиќ/Фото: Звонимир Ферина

Ако од оваа временска дистанца се осврнете на двете „Евровизии“ на кои пеевте, кои се најважните искуства што ги паметите?

– Ништо не е толку важно како самата песна. Не ги сакам уметничките натпревари, не припаѓаат заедно. Еднакво дал сè од себе и оној првиот и оној последниот што настапил. Па, што тогаш оценуваме!? Моменталниот вкус на публиката, што е во мода таа сезона!? Настапував на вакви настани, бидејќи песните што ги засакав беа напишани токму за таа пригода. Но, знам дека би ги извела со потполно ист жар дури и да го немаше тој натпреварувачки дел. Бидејќи песната се сака, а не придружниот настан.
Сите мои мисли отсекогаш биле насочени кон песната. Таа беше столбот на сè и нејзината судбина не беше важна. Секоја моја песна носи дел од моето битие. Можеби затоа најубавиот дел е креативниот дел, магијата на создавањето.

Каков е Сплит денес, кое е вашето омилено место во родниот град?

– Мојот кауч. А Сплит е секогаш Сплит.

Дорис Драговиќ на концерт во Арена Загреб/Фото: Иван Дабац

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот