Екологистите негодуваат: Требаше да се зaбранат секакви кеси, пластични чаши, сламки

кеси
Од денеска кесите ќе чинат 15 денари, Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Баравме во новиот закон да бидат забранети сите пластични кеси за пазарување, вклучително и тие што ќе се нарекуваат еколошки и што ќе се продаваат по 15 денари, велат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.

Цената од 15 денари за една биоразградлива пластична кеса во трговијата, како и забраната за употреба на пластичниот прибор за еднократна употреба во заштитените подрачја – нови правила што важат од денеска – се само мал дел од она што би требало за значи прочистувањето на Македонија од пластичната амбалажа, велат екологистите. Тие потсетуваат дека од почетокот на јули годинава, ЕУ ја забрани употребата на сламките, пластичните чинии и прибори за јадење, чепкалките за уши. Забранети се дури и пластични држачи за балони, стапчиња за мешање коктели. Планот е до 2030 година целиот пластичен отпад во ЕУ да може да се рециклира. ЕУ направи отстапка за таканаречената „пандемиска пластика“, односно медицинската пластика, вклучително и маските и ракавиците.

Од Иницијативата за забрана на пластичните кеси сметаат дека новите правила се половични и неефикасни и поради тоа што од забраната се изземени пластичните кеси со адитиви наречени „оксоразградливи кеси“ за полесно да ѝ се продадат на јавноста како „еколошки“.

– Тоа, пак, овозможува нашата земја да биде преплавена со пластични кеси, и покрај тоа што тие се законски забранети. Баравме во новиот закон да бидат забранети сите пластични кеси за пазарување, вклучително и тие направени од оксоразградлива пластика – посочуваат екологистите. Оксоразградливата пластика спаѓа помеѓу производите од еднократна пластика што ги забрани ЕУ во јули годинава.

Од Иницијативата велат дека заедно со воведувањето на забраната за пластичните кеси, општините и државата треба да спроведат и акција за доставување платнени торби за пазарување на сите граѓани што се соочуваат со сиромаштија, со што ќе се спречат негативните последици по нивниот животен стандард.

– Борејќи се за повисоки еколошки стандарди, нашата Иницијатива ја поддржува и борбата за социјална правда. Треба да изградиме еколошки поодговорен и социјално поправеден свет – велат борците против пластични кеси.

Според последниот Извештај на Министерството за животна средина, коj содржи податоци на компаниите што управуваат со отпадот од пакување, во 2020 година на пазарот се пуштени 31.750 тони пластика. Собрани биле 21.055 тони, а преработени се само 6.737 тони пластика, без податоци за тоа колку од овој отпад се однесува на пластичните кеси. Податоците на Државниот завод за статистика, исто за 2020 година, покажуваат дека во земјава биле произведени 5.000 тони пластична амбалажа, вреќи и кеси.

Европските земји самоиницијативно го проширија списокот

Државите членки на ЕУ подготвија сопствени закони за да ја спроведат во дело Директивата за пластиката за еднократна употреба, а дел од нив отидоа чекор понатаму, решавајќи се за проширување на списокот на забранети производи. На пример, во Франција со законот што лани беше усвоен, се забранува и поголемиот дел од пластичната амбалажа за овошје и зеленчук, пластичните вреќички за чај, конфетите и пластичните играчки. Во Германија, дополнително се забрани и употребата на полистиренски садови за храна. Во Луксембург е забрането да се продаваат предмети за еднократна употреба на фестивалите, а во Грција нивната употреба е забранета дури и во владините агенции, што е прва забрана од таков вид. Некои земји, како Италија и Белгија, воведоа данок или доплата за пластичните производи за да ја дестимулираат нивната употреба. Сепак, новите европски еколошки правила сè уште немаат забрана за употреба на пластичните шишиња за пијалаци, иако секојдневно во светот се продаваат околу 1,3 милијарди вакви шишиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот