Екипата на перформансот „Црнила ремикс“ се врати со награда од „Нишвил“

Уметничката екипа на „Црнила ремикс“ / Фотографија: Кире Галевски

Театарската претстава „Црнила ремикс“ е наградена на „Нишвил“ – меѓународниот џез театарски фестивал, кој се одржа во Ниш, Србија, известија од МКЦ Скопје.

Во образложението на жирито на фестивалот, театарските критичари Наташа Гвоздановиќ и Игор Буриќ, како и американската актерка и продуцентка, Жозелин Пук, е наведено:

– Наградата за најдобра употреба на музика се доделува на претставата „Црнила ремикс“, во режија на Јордан Симонов, а во продукција на МКЦ Скопје. Претставата е оригинална со тоа што ангажира рап-музика во јукстапозиција со традиционални македонски вокални стилови. Таа е полна со прекрасни мелодии, рими и динамика, кои произведуваат своевидна хип-хоп опера и поттикнува силни емоции – стои во образложението.

На фестивалот „Нишвил“, кој од 5 до 9 август се одржува на сцените низ Ниш, Гранд-при наградата ѝ е доделена на претставата „Балкан Бордело“, копродукција меѓу „Ла Мама“ од Њујорк, „Ателје 2012“ од Белград и „Кендра Мултимедија“ од Приштина, а сите награди се донесени едногласно.

– Наградата доаѓа во вистински момент, кога се обидуваме повторно да ја рестартираме претставата. „Црнила ремикс“ својот силен фестивалски залет го имаше веднаш по премиерата на крајот на 2018 година, но за жал веќе на почетокот на 2019 година, како и цел свет, и ние мораше таму да запреме. Многу убава енергија има околу овој проект, па затоа верувам дека „Црнила“ на МКЦ Скопје ќе ја има уште долго на театарската сцена – вели Русе Арсов, продуцент на претставата.

Режисер на проектот е Јордан Симонов, кој заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот” го поставија ова современо читање на драмската класика „Црнила“ на Коле Чашуле.

– Мислам дека ја имавме најсоодветната продукција за овој фестивал, чија специфика е токму селекција на претстави каде музиката е важен драмски елемент во нарацијата. Експериментиравме со многу стилови и формати, добивме одличен музички производ, и затоа сега ми е многу драго што тоа го препознаа и членовите на жирито – изјави Јордан Симонов.

Пред полниот амфитеатар во Ниш на фестивалот се поклонија членови на Организацијата: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот