ЕК: Зголемениот број на Руси со српско државјанство e безбедносен ризик за ЕУ
Иако политиката за државјанство е во надлежност на Србија, зголемениот број руски државјани кои, со стекнување на српско државјанство, добиваат можност за безвизен влез во Европската унија, претставува потенцијален безбедносен предизвик за Унијата, според Европската комисија, пишува РСЕ.
Препорачано
Во најновиот документ на Европската комисија, објавува РСЕ, во кој се оценува напредокот на Србија во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, оваа институција наведува дека бројот на државјанства доделени на руски државјани е зголемен во изминатиот период.
„И покрај сувереното право на Србија да одлучува за своите политики за државјанство и натурализација, забрзаното стекнување на правото за патување без визи во ЕУ за граѓаните на Русија со доделување на српско државјанство, чиј број е зголемен во споредба со претходните години, претставува потенцијални безбедносни ризици за ЕУ“, се наведува во нон-пејперот на Европската комисија, до кој Радио Слободна Европа има пристап.
Овој документ беше предмет на дискусија на ниво на дипломати на земјите-членки на ЕУ на крајот на мај, според овој медиум.
„Србија мора да ја подобри проверката на барањата за виза поднесени од граѓани на земји кои се сметаат за ризик во однос на нерегуларната миграција или безбедноста“, пишува РСЕ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ веќе објави дека Србија нема да воведува визи за руските граѓани.
Според условите на Планот за раст, Србија треба да воведе визи за најмалку три земји до крајот на годината.
Визната политика на Србија е „само делумно усогласена“ со визната политика на Европската унија, според текстот, со список на трети земји чии граѓани имаат потреба од виза за влез во ЕУ, според извештајот за владеењето на правото за Србија.
Во моментов, 12 таканаречени трети земји уживаат безвизен режим со Србија, но не и со ЕУ: Ерменија, Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Кина, Индонезија, Јамајка, Киргистан, Казахстан, Русија, Суринам и Турција.
„Не е постигнат понатамошен напредок во усогласувањето со визната политика на ЕУ од декември 2024 година, кога Србија ги исполни своите обврски од Агендата за реформи за усогласување со визниот режим на ЕУ со најмалку три земји чии граѓани имаат потреба од виза за влез во ЕУ“, се наведува во документот, пишува РСЕ.


