ЕФА ги повика Бугарија и Грција да им ги дадат правата на македонските малцинства

Македонско здружение ОМО Илинден-Пирин, Фото: Слободен печат/ Архива

Бугарија и Грција да најдат национален консензус за македонското прашање и да ја признаат својата одговорност кон македонското малцинство на своите територии, повикува Европската слободна алијанса (ЕФА) во најновата Декларација што на Генералната асамблеја на ЕФА од 14 до 16 октомври во Брисел ја поднесоа партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден ПИРИН и партијата на Македонците во Грција Виножито.

Во документот усвоен од ЕФА, алијансата на партиите на малцинствата во Европа, се повикува ЕУ да ги охрабри Бугарија и Грција да го поддржат самоопределувањето и културниот идентитет на своите граѓани од македонско потекло.

„Европската слободна алијанса повикува Бугарија и Грција да изнајдат национален консензус за македонското прашање и да ја признаат својата одговорност кон македонското малцинство на нивна територија и со тоа да започнат да водат европска политика за малцинствата и да им го дадат на Македонците целокупното право предвидено со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и други релевантни стандардни документи за малцинствата. Бугарија и Грција, кои ЕУ ги смета за држави во кои владее правото, да дејствуваат како такви и да применуваат справедлив и недискриминирачки процедурален пристап кон прашањата што се однесуваат на домородните Македонци на нивната територија. Бугарија и Грција да се охрабрат да формираат комисија за постојан дијалог со претставници на домородните Македонци со цел да започне процес за давање меѓународно загарантираните права и слободи. Бугарија и Грција да ги променат своите политики кон македонската нација во духот на европските стандарди“, се наведува во декларацијата.

Декларацијата се повикува на извештајот „Минимални стандарди за малцинствата во ЕУ“, како и на фактот дека Македонците се домородно население на територијата на Бугарија и Грција и поседуваат специфични културни карактеристики, одржуваат долгорочни и лојални врски со државата и се доволно репрезентативни, иако помали по број од остатокот од населението на овие држави. Во неа се наведува и дека Македонците се силно мотивирани да го зачуваат она што го сочинува нивниот заеднички идентитет, вклучувајќи ја нивната култура, традиции и македонски јазик и дека ги исполнуваат критериумите за малцинство според споменатиот ЕУ-извештај, но и покрај тоа се предмет на државно организирани систематски политики за асимилација, дискриминација и негирање на нивните човекови и малцински права, а Бугарија и Грција од 19 век наваму имаат долгорочни антимакедонски политики.

Образложението на Декларацијата се потпира на Извештајот за минималните стандарди за малцинствата кој јасно покажува дека Европската Унија има одговорност за малцинствата и за малцинската политика во државите членки, како и на последниот развој во Бугарија и, како што се наведува, „чекорите преземени против членовите на невладините организации од македонското малцинство и ескалација на националистичката политичка и реторика во Бугарија против македонската нација, држава, јазик и култура“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот