Еден потценет додаток во исхраната може да игра значајна улога во регулирање на агресијата
Масните киселини омега-3, достапни како додатоци во исхраната преку капсули со рибино масло, за кои се смета дека придонесуваат за менталната и физичката благосостојба, би можеле да ја намалат и агресијата, покажува студија од 2024 година, објави „Сајенс алерт“ (Science Alert).
Препорачано
Овие наоди не се појавиле одеднаш, омега-3 претходно биле поврзани со превенција на шизофренија, а се смета дека агресијата и асоцијалното однесување делумно произлегуваат од недостаток на соодветна исхрана.
Истражувачи од Универзитетот во Пенсилванија се надоврзле на претходни, помали студии за ефектите од суплементација со омега-3 врз агресијата.
Нивната мета-анализа опфаќа 29 рандомизирани контролирани студии со вкупно 3.918 учесници.
Низ сите студии бил утврден умерен, но забележлив краткотраен ефект, што се манифестира како намалување на агресијата до 28 отсто, независно од различни фактори како што се возраст, пол, медицинска дијагноза, како и времетраење и доза на третманот.
„Мислам дека дојде време да се воведе суплементација со омега-3 за намалување на агресијата, без разлика дали станува збор за заедницата, клиниките или системот на кривичната правда“, изјавил неурокриминологот Адријан Рејн кога била објавена мета-анализата.
Студиите опфатени во истражувањето, спроведени помеѓу 1996 и 2024 година, траеле во просек 16 недели. Тие вклучувале различни демографски групи: од деца на возраст до 16 години, до возрасни лица помеѓу 50 и 60 години.
Покрај тоа, намалувањето на агресијата се однесувало и на реактивна агресија (како одговор на провокација) и на проактивна агресија (однесување планирано однапред).
Иако ќе бидат потребни поголеми студии во подолг временски период за дополнително да се потврди оваа поврзаност, резултатите може да помогнат во разбирањето на тоа како рибиното масло и омега-3 масните киселини можат да бидат корисни за мозокот.
„Во најмала рака, родителите кои бараат третман за агресивно дете треба да знаат дека, покрај кој било друг третман што го добива детето, уште една или две дополнителни порции риба неделно исто така може да помогнат“, рекол Рејн.
Истражувачите сметаат дека начинот на кој омега-3 го намалуваат воспалението и ги одржуваат клучните мозочни процеси може да игра улога во регулирањето на агресијата.
Сè уште има многу неодговорени прашања, но тимот смета дека има доволно докази за оваа тема да се истражува подетално.
Ако се додадат и студиите што покажуваат дека лекови добиени од рибино масло можат да го намалат ризикот од смртоносни срцеви и мозочни удари и други кардиоваскуларни проблеми, се чини дека има многу позитивни страни во додавањето омега-3 во исхраната.
„Омега-3 не се магичен куршум што целосно ќе го реши проблемот со насилството во општеството. Но, врз основа на овие наоди, цврсто веруваме дека може и треба да почнеме да постапуваме според новото знаење“, рекол Рејн.
Истражувањето е објавено во списанието „Агресија и насилно однесување“.


