Никодем Чижевски / Фото: Screenshot/Youtube

Еден од најпознатите полски јутјубери е пронајден мртов во Загреб

Полската интернет ѕвезда Никодем Чижевски, познат и како Лил Нарциз, е пронајден мртов во Хрватска неколку недели откако исчезна. Тој имаше само 23 години.

За „Јутарњи лист“ загрепската полиција потврди дека телото на 23-годишникот било пронајдено на 2 мај, околу 18:30 часот во Загреб. Телото било пронајдено во изнајмениот стан каде што живеел младиот човек. Сопственикот на станот на улицата Илица го пронашол младиот човек мртов и веднаш ја известил полицијата.

На телото не се пронајдени траги што би укажувале дека смртта настапила како резултат на кривично дело. Телото е пренесено во Институтот за судска медицина и криминалистика, а на 8 мај, започна организацијата на транспортот на телото во Полска.

Јутјуберот последен пат бил во контакт со своето семејство на 8 април, а полицијата во Гливице, Полска, објави дека потрагата е завршена откако биле информирани дека неговото тело е пронајдено во Загреб.

– Потрагата по младиот жител на нашиот регион е во тек од моментот кога беше пријавен за исчезнат – се вели во соопштението на полицијата во Гливице.

– Полицајци од Полициската управа во Гливице беа вклучени во операцијата и, со поддршка на претпоставените единици, проверија секоја трага и секоја информација што можеше да помогне да се утврди каде се наоѓа 23-годишникот – стои во соопштението.

И покрај тоа што имаше голем број следбеници, со повеќе од 450.000 луѓе што го следат, Лил Нарциз во голема мера се повлече од креирање содржини на Јутјуб во последните години.

Неговата последна објава на Јутјуб беше на 21 ноември 2021 година. Во последните години тој беше активен на тикток-каналот наречен „zarcyz“. Таму објавуваше сосема поинаква содржина од порано, честопати снимајќи се себеси по улиците на Загреб во провокативна облека.

Бројни пораки од обожаватели кои изразуваат сочувство за неговата смрт се појавија на неговиот јутјуб-канал.

„Почивај во мир. Жал ми е“; „Тажно е што нема повторно да го видиме, мое сочувство до семејството“, беа дел од коментарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот