Зери

Еден доктор да може да оперира слепо црево, да третира скршена рака и да извади крлеж – се менуваат специјализациите во Македонија

Во болниците во внатрешноста на државата има високоспецијализирани доктори, ама нивните специјализации не ги прават подобни на секундарно ниво да можат да решаваат медицински ситуации од различни области или да препишат терапија за различни состојби. Затоа, постои можност наскоро на медицинските факултети во државата да се промени курикулумот за специјализациите, тврди за „Слободен печат“ високопозициониран извор на Медицинскиот факултет во Скопје.

-Во градовите од внатрешноста треба да има доктор што може да оперира слепо црево, да третира скршена рака и да извади крлеж, да ги работи сите работи зависно од потребите на пациентите кои ќе бараат медицинска услуга, а не да има многу специјализиран торакален хирург, пластично го објаснува ова за „Слободен печат“ нашиот извор.

Тој тврди дека затоа наскоро ќе се смени правилникот за специјализации за општите специјализации – оние за интерна медицина и за хирургија.

-Нам ни недостига секундарното здравство. Нема да има укинување на супспецијализациите, ама тие ќе се спроведуваат на начин што прво ќе се спроведува основна специјализација, па надградба во супспецијализација. Тоа овозможува пошироко лекување како соодветен доктор и можност за лекување и препишување на терапија. Гастроентеролог специјалист не е соодветен доктор за лекување пациент со инфаркт. Но интернист супспецијалист гастроентеролог има поголема ширина на ингеренциите, велат наши извори од Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје кои се децидни дека во земјава има нефункционални одделенија и мора да проработи секундарното здравство. 

Специјализациите по интерна медицина и по хирургија пред 15-тина години се променија. Во минатото мораше прво докторот да заврши општа хирургија во времетраење од 4 години, а потоа да супспецијализира уште 2 години (на пример за абдомен, торакална хирургија итн). Но, во 2013 година се воведоа таканаречените „директни специјализации“ во кои не постои најпрво општа хирургија туку директно докторите стануваа специјалисти за областа (на пример нефрологија), без да имаат прво печат за општ интернист.

-Што се случува денеска и што е резултатот од ова?  После толку години имаме резултати во болниците во Кочани, Тетово, Кичево итн, дежурен доктор да биде нефролог кој нема лиценца за општ интернист. Не смее да препишува терапија за нефрологија, не може да дава хронична терапија за срце, за астма, бидејќи ја нема основната лиценца, го нема тоа образование. Го има најстручното за нефрологија, но не и општото. Ако си специјалист по абдоменална хирургија, не смееш да наместиш скршена рака. Ова е по европски терк, зашто таму, во големи држави им се потребни  високоспецијализирани кадри. Но тоа не одговара на потребите на Македонија, вели нашиот извор.

Втор проблем кој се јавува, тврди тој, е тоа што кога некој директор на болница ќе испрати кадар на државна специјализација за конкретна област, на пример кардиологија, се случува на крајот да не го добие кадарот од тој профил.

-Во текот на таа специјализација многумина „бркаат врски“ и се префрлуваат на специјализација од друга област и така болницата на крајот не го добива кадарот што првично го побарала, открива нашиот извор.

Уште еден предизвик е што во болниците во внатрешноста не се потребни супспецијалисти туку општи хирурзи и интернисти, смета нашиот извор и дека решението што најверојатно е на повидок е специјализациите да се одвиваат на начин што најпрво лекарите ќе завршуваат општа интерна медицина 5 години, или општа хирургија 5 години, па потоа ќе одат плус 2 години на супспецијализација.

Во моментов има „директни специјализации“ за докторите по области – специјалист по нефрологија, по кардиологија, по пулмологија, гастроентерохепатологија итн. Иако сите тие се високоспецијализирани за тоа подрачје, на сите од едукацијата им е отстранета општата интерна медицина. Така, тие де факто не се „општи интернисти“ туку „супспецијалисти“ од областа. Немаат формално образование за да кажат дека се специјалисти по општа интерна медицина – дека разбираат по малку од нефрологија, од пулмологија, од сите области какви што се потребите на јавното здравство кое со малку луѓе треба да опслужи голем број пациенти.

Поранешниот министер за здравство Венко Филипче за „Слободен печат“ вели дека специјализациите отсекогаш се планирале преку посебниот Совет за специјализации.

-Секогаш се знаело дека Советот за специјализации распишувал специјализации врз основа на потребите на клиниките и болниците. Азир Алиу ни кажува дека сме имале 15 илјади доктори. Така е за човек кој не знае за системот, па му се создава момент „Алиса во земјата на чудата“, за него можеби овој податок е нов, ама за никој друг од нас не е.

Програмите за специјализации секогаш се правеле врз основа на потребите на болниците. Институциите и клиниките пуштаат информација, па Советот за специјализации одлучува. Така да, ништо ново не кажа. Тоа дека „кој како сака не можело да специјализира“, морам да кажам дека желбата е многу битна. Не може да се запоставува таа желба, ама во рамките на систем кој кажува што може а што не може.

Суштинското прашање за дискусија е како Фондот за здравство ќе купува услуги во иднина. Суштинската реформа е ФЗОМ да стане купувач на услуги, а не одржувач на инфраструктура и тоа е суштинската промена што треба да се направи, изјави за „Слободен печат“ Филипче.

Секоја година се распишува програма за специјализации за државни специјализации, но годинава поради изборите најверојатно ќе доцни.

Министерството за здравство во моментов спроведува сеопфатна анализа на човечките ресурси и инфраструктурните капацитети во здравствениот систем, која вклучува детална состојба за сите профили на здравствени работници, специјалистички кадар и медицинска опрема по установи и региони. 
Врз основа на овие податоци се изработува и стратегија за специјализации, со која ќе се дефинираат приоритетните дефицитарни специјализации, како и областите каде што постојат доволни или зголемени капацитети, велат оттаму за „Слободен печат“. 

Министерот за здравство Азир Алиу неодамна кажа дека во Македонија има медицински профили кои се повеќе отколку што треба во државата, а има и профили кои недостасуваат и кои ќе бидат приоритет во иднина. Во земјава има 344 специјалисти по гинекологија и акушерство, 284 педијатри, 154 анестезиолози, 37 специјалисти за радиотерапија и онкологија и 4 невропсихијатри.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот