Роксан Стојанов во балетска улога во Париз / Фотографија: Џонатан Келерман

Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов е добитничка на наградата „Менада“ за 2025 година

Бордот на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“, за 21-то издание, донесе одлука наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност во 2025 година да ја додели на Ѕвездата на париската опера Роксан Стојанов.

– Благодарение на својот извонреден талент и уметничка визија, Роксан Стојанов се издига високо во балетската уметност, за што е промовирана во Ѕвезда на Париската опера (Étoile de l’Opéra National de Paris), како една од извонредните балерини кои блескаат на балетското ѕвездено небо. Како уметник, Роксан Стојанов пишува историја во епицентарот на балетската уметност, исклучителниот балетски ансамбл на Националната опера во Париз, Франција, но и во нејзината втора татковина, С Македонија, каде остава ѕвездена трага во балетската историја, за што Бордот на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“, на 21-то издание, со огромна чест и задоволство ѝ ја доделува наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност – стои во одлуката на Бордот на фестивалот „Танц фест Скопје 2025“.

Наградата на Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов ќе ѝ биде врачена на сцената на Македонскиот народен театар, на 29-ти април 2025, во 20 часот, кога ќе биде свеченото отворање на овогодинашната програма на „Танц фест Скопје 2025“, со која се одбележуваат 35 години современа танцова сцена кај нас.

Роксан Стојанов е родена во 1995 година во Франција. Таа е со француско-македонско потекло. Своите први танцови чекори ги започнува во Скопје, на осумгодишна возраст, кога престојува тука со семејството. Балетското образование го продолжува во Брисел, во 2007 година се приклучува на Школата за танц на Париската опера, а во 2013 година станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција.

Низ годините, нејзиниот талент и посветеност биле препознаени преку бројни признанија; во периодот од 2015 до 2022 година, Роксан напредува во хиерархијата на операта и во 2022 година станува првенка на балетот. На 28 декември 2024 година, го доживува врвот во кариерата, кога по нејзината извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, Роксан е прогласена за Ѕвезда на Париската опера – највисокото звање во хиерархијата на Париската опера.

Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи улоги во класични балети, како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи. Прогласувањето за Ѕвезда на Париската опера е признание и доказ за нејзината извонредна уметничка сестраност и посветеност на танцовата уметност, известија од Бордот на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот