ДЗС доби нов професионален пилот, наскоро оглас за уште двајца пилоти на ер-трактори
Дирекцијата за заштита и спасување објави дека се засилува со уште еден професионален пилот. Како што велат од Дирекцијата, се работи за пензионираниот армиски полковник Роберт Малезански, воен пилот кој во својата кариера има управувано и дејствувано со различни типови на летала вклучително и борбени авиони „галеб“, „супер галеб“, „МиГ“ 21, „сухој“ 25 и борбени хеликоптери „Ми“ 17 и „Ми“ 24 како и со различни типови спортски авиони.
Препорачано
„Во неговата армиска кариера, Малезански, има извршувано повеќе должности вклучително и командант на „Воздухопловниот винг“ на Армијата. Истовремено е инструктор за летање и пробен пилот. Инаку, во договор со директорот на ДЗ, Стојанче Ангелов, пензионираниот полковник, Роберт Малезански, прифати да ја прекине воената пензија и професионално да се вработи во ДЗС како раководител на авио-одделението, пилот и дел од најтесниот кабинет на директорот Ангелов“ соопштија од ДЗС.
Заедно со полковникот Малезански, ДЗС во 2026 година влегува со пет пилоти од коишто тројца се професионално вработени во авио-одделението на ДЗС и двајца пензионирани пилота се со договор на дело.
ДЗС ги информира сите потенцијални кандидати за пилоти на ер-трактори дека имаат согласност од Министерството за финансии за вработување на уште двајца пилоти за што огласот ќе биде објавен дополнително.


