Училиште, училниц
Празна училница /Фото: Слободен печат - Драган Митрески

ДЗР констатира низа слабости во БРО: Со институцијата пет години раководел в.д. директор, не се правеле ниту анализи колку обуки посетил еден наставник

Во текот на 2023 година со Бирото раководат двајца в.д директори кои не се именувани по објавен јавен оглас со мандат од 4 години како што предвидува членот 20 став 3 и 4 од Законот за Бирото за развој на образованието. Претходниот директор ја извршувал функцијата в.д. директор, заклучно со 18.07.2023 година, во времетраење од 5 години и 3 месеци. Оваа состојба укажува на постапување кое е не е во согласност со законски утврдениот начин за избор на директор – се забележува во ревизорскиот извештај

Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатира повеќе системски слабости во работата на Бирото за развој на образованието (БРО), кои ги објавува во ревизорскиот извештај.

Според ДЗР, за раководење на Бирото е именуван в.д. директор кој ја извршувал функцијата над пет години, извршени биле исплати за надоместоци за надворешни соработници врз основа на правилници кои се донесени во претходниот период, чие усвојување е во надлежност на министерот за образование и наука, а конкурсите кои се распишуваат за избор на надворешни соработници содржат критериуми кои овие лица треба да ги исполнуваат, кои се различни од критериумите наведени во интерните акти.

– Директорот и заменикот на директорот на Бирото на предлог од министерот за образование и наука со објавен јавен оглас ги именува и разрешува Владата, со мандат од четири години. Во текот на 2023 година со Бирото раководат двајца в.д директори кои не се именувани по објавен јавен оглас со мандат од 4 години како што предвидува членот 20 став 3 и 4 од Законот за Бирото за развој на образованието. Претходниот директор ја извршувал функцијата в.д. директор, заклучно со 18.07.2023 година, во времетраење од 5 години и 3 месеци. Оваа состојба укажува на постапување кое не е во согласност со законски утврдениот начин за избор на директор – се забележува во ревизорскиот извештај.

Во текот на 2023 година, од ДЗР констатираат дека е извршена исплата на надоместок за работа подолга од полното работно време, во износ од 580 илјади денари.

Од извршениот увид на приложената документација ДЗР утврдил дека не се обезбедени задолженија/барања со кои од страна на директорот се задолжуваат вработените да извршуваат работни обврски подолго од работното време, освен за месец јуни, јули август и септември 2023 година, што не е во согласност со член 117 став 1 од Законот за работните односи.

– Од страна на субјектот со добиените забелешки доставени се задолженија за дополнителни три месеци кои беа побарани и не беа доставени во фазата на извршување на ревизијата и не е обезбедена документација, освен за неколку вработени, со кој ќе се потврди дека административните службеници биле ангажирани за работа надвор од редовното работно време потврдено преку извештај за прекувремена работа генериран од системот за евиденција на работно време, ниту е извршено претходно писмено известување до подрачниот државен инспектор на трудот, што не е во согласност со член 117 став 5 и 6 од Законот за работни односи – се вели во извештајот.

Државниот завод за ревизија, исто така, утврдил дека во 2023 година, во делот на работното искуство (минат труд), не се усогласени со податоците прикажани во прегледот на регистрирани податоци во матична евиденција на надлежните државни органи. Наведената состојба, како што посочуваат оттаму, создава можност од исплата на средства за прекувремена работа и минат труд, на начин кој не е во согласност со одредбите од Законот за работни односи и Законот за административните службеници.

Во спроведените постапки за избор на надворешни стручни соработници при реализација на некоја од надлежностите на Бирото за кои е потребно користење на услуги на надворешни стручни соработници, директорот на Бирото донесува одлука за објава на оглас, со дефинирање на критериуми врз основа на кои подоцна избраната комисија врши евалуација и избор.

– Констатиравме дека во објавените конкурси утврдени се критериуми кои се разликуваат во однос на наведените во усвоените акти на Бирото. Пропишаните критериуми со правилниците се општи и не се предвидени под критериуми кои ќе овозможат дополнителна евалуација во случај повеќе кандидати да ги исполнуваат општите критериуми предвидени во објавениот конкурс – велат од ДЗР.

Исто така, за критериумите не се определени бодови согласно нивната значајност, иако во извештаите од комисиите истите се бодуваат, без да се презентираат информации за начинот на кој истите се доделени поради што не може да се исклучи можноста од субјективност во процесот на одлучување.

– Во 2023 година по спроведени постапки согласно донесените акти (јавни огласи) ангажирани се надворешни стручни соработници за реализација на услуги превод и техничко уредување на изработените наставни планови, програми, прирачници за наставници и материјали за учење, притоа не земајќи ги во предвид одредбите од член 23 од Законот за јавните набавки согласно кој за погоре наведениот тип на услуги не предвидува исклучок, што влијае на законското користење на средствата. За реализација на овие услуги во текот на 2023 година исплатени се средства во износ од 3.611 илјади денари преку спроведени конкурси за ангажман на овие лица. Несоодветно развиените критериуми за избор на авторски тимови може да има влијание врз квалитетот на изработените наставни програми и материјали за учење на учениците и влијаат на основаноста на извршените исплати врз основа на интерните акти на Бирото – се вели во извештајот.

Во ревизорскиот извештај се препорачува одговорното лице за раководење во соработка со министерството за образование и наука да преземе мерки и активности за усвојувањето на интерните акти – правилници да се врши на предлог на директорот на Бирото, од страна на министерот за образование и наука.

– Во правилниците да бидат утврдени критериуми, под критериуми и бодови за избор на авторски тимови и истите да бидат наведени во конкурсите кои ги објавува Бирото и ангажманот на надворешни стручни соработници за реализација на услуга превод и техничко уредување да се врши согласно одредбите на Законот за јавни набавки – велат од ДЗР.

Во ревизорскиот извештај утврдени се слабости во начинот на пресметката на надоместоците за надворешни соработници кои се ангажираат од страна на Бирото.

– Согласно Правилникот за начинот, постапката и критериумите за избор на надворешни соработници и утврдување на висината на авторските надоместоци и надоместоците за други услуги и Правилникот за издавачка дејност утврдено е дека исплатата на надоместоците за ангажирани надворешни стручни соработници во зависност од видот на работата се исплаќа по авторски табак, што е во висина од просечната нето-плата или процентуално од износот на просечната нето-плата исплатена во претходните 3 месеци. Исплатата на надоместоците за изработка на нови наставни планови и програми се врши согласно Правилникот за начинот, постапката и критериумите за избор на надворешни соработници и утврдување на висината на авторските надоместоци и надоместоците за други услуги на Бирото, врз основа на два критериуми, односно, дали ангажираното лице е вработено во високо образовна или научна установа, или во основно и средно училиште, додека вториот критериум е неделниот фонд на часови на наставната програма, при што надоместокот процентуално се зголемува со растот на неделниот фонд на часови предвиден со соодветната наставна програма – порачаа од ДЗР.

Ревизорскиот извештај покажува дека Бирото нема ниту анализи колку обуки посетил еден наставник, ниту пак се вршат анализи за времетраењето во часови на овие активности.

Во 2023 година била спроведена една постапка за акредитација на обука и понудувачи на услуги и истата е спроведена за потребите од обука на наставници во средните училишта при што со оваа обука биле опфатени 2.925 наставници од средните училишта во земјата, а истата претставува единствена акредитирана обука спроведена во текот на 2023 година.

На овој начин, опфатени се само 41,5 % од вкупниот број на наставници во средните училишта и истата била во времетраење од 8 часа од планираните 60 часа во тригодишен период.

Во делот на спроведување на акредитирани обуки за наставници во основните училишта во текот на 2023 година спроведени се 18 обуки со кои се опфатени 13.744 наставници односно 73 % од вкупниот број на наставници во основните училишта. Притоа треба да се земе во предвид дека Бирото нема направено анализи колку обуки посетил еден наставник ниту пак се вршат анализи за времетраењето во часови на овие активности.

-Како резултат на ова со реализираните обуки за наставници од основно училиште не се опфатени сите наставници, а со доставената документација не ни беа презентирани докази дека се реализираат законски планираните 40 часа акредитирани обуки во текот на 3 годишен период. Дополнително, во врска со реализација на истата согласно направени проекции од страна на стручните служби, во буџетот на Бирото е потребно да се предвидат најмалку 62.000 денари за осумчасовна обука на наставниците и стручните соработници во основните училишта – се вели во ревизорскиот извештај.

Со увид во финансиската документација, ДЗР утврдил дека за оваа намена во буџетот на Бирото за 2023 година обезбеден е износ во висина од 5.940 илјади денари односно само 9,5% од потребните средства. Најголемо учество во реализацијата на овие активности е спроведено од страна на проектната единица на Светска банка која функционира во рамките на Министерството за образование и наука преку која во текот на 2023 година реализирани се средства во износ од 37.114 денари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот