Џез-вокалистот Џон Илија Апелгрен ќе ја поведе публиката на волшебно патување со „Звуците на Бразил“

Фотографија: Игор Тодоровски

Новиот проект на најистакнатиот македонски џез-вокалист Џон Илија Апелгрен е со наслов „Звуците на Бразил“ и ќе биде изведен на 1 октомври, со почеток во 20.30 часот, во големата сала на Филхармонија.

Апелгрен со својот бенд, составен од најдобрите џез-музичари во Македонија, пред публиката веќе се претстави со француски шансони испеани на француски јазик, што беше и почеток на едно музичко патување што продолжува годинава преку „Звуците на Бразил“.

– Со серијалот „Музичка прошетка“ започнав минатата година со прошетка низ Франција. Разочаран од она што се нуди на македонската публика преку ТВ и радиостаниците, со чест на исклучоци, бев инспириран да ја започнам серијата концерти и да ѝ овозможам на публиката да доживее прекрасни музички патувања низ светот. Следната година ќе патуваме заедно со публиката на некоја нова дестинација, со намера да ја анимираме публиката да истражува нови музички вкусови – посочува Апелгрен.

Во однос на огромното мелосно наследство што се негува во Бразил, тој објаснува дека програмата е направена по негов личен вкус.

– Воопшто не се водам од тоа дали некоја композиција е позната или не, дури и пробувам да избегнам песни што се често експлоатирани или познати за одредено подрачје. Бразил има огромно музичко богатство и навистина е напорно да се преслушаат илјадници композиции и да се направи избор, сепак, на крајот се одлучувам за квалитетот на композицијата, за како таа мене ме предизвикува, како сметам дека публиката ќе ја запознае и доживее. Искреноста во музиката се чувствува на првиот отсвирен или отпеан тон. Јас сакам моите сограѓани да ги пренесам на некое далечно волшебно патување и заедно да уживаме. Ништо помалку од тоа – нагласува Апелгрен.

Овој уникатен музичко-сценски концертен перформанс вклучува изведби на композиции со типичен бразилски мелос, во нови оригинални аранжмани, напишани од младиот македонски џез-пијанист, композитор и аранжер Гордан Спасовски, кој во овој проект се јавува и во улога на бенд-лидер и пијанист.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 148, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот