„Светлост“ се Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски и Кристијан Новковски

Џез-составот „Светлост“ концертно ќе го изведе својот нов албум во „Лабораториум“

Тимот на „ПМГ Џез“ (PMG Jazz) во рамки на програмата „ПМГ Џез Клуб“ го најави концертот на извонредниот џез-состав „Светлост“, чиј уникатен музички јазик вткаен во активно творештво и концертирање е евидентен и во нивниот последен музички албум „Everything Was As It Had Been A Minute Ago“, издаден оваа година за „ПМГ Џез“.

На 9 октомври (среда), во 21:30 часот, во „Лабораториум“ во живо ќе настапат „Светлост“ во состав: Нинослав Спировски (кларинет, саксофон), Кристијан Новковски (тапани) и Дени Омерагиќ (бас, електроника). Влезот на концертот е слободен.

Од бендот велат: „Не ја пропуштајте оваа ретка прилика, бидејќи ’Светлост‘ во претстојните месеци нема да се фокусирани на клупски концерти низ Скопје, а и ќе биде жустро. Понаострени сме дури и од времето на нашите почетоци, кои беа пред безмалку 10 години. Плус, последниот албум ни е сѐ уште прилично свеж. Од неговото издавање поминаа само четири месеци.“

„Светлост“ се неидиоматско / импровизаторско трио од Скопје, составено од Кристијан Новковски (тапани), Нинослав Спировски (кларинет, сопран саксофон и тенор саксофон) и Дени Омерагиќ (бас, синтисајзери и електроника). Препознатливи по спонтаниот уметнички израз и наджанровската естетика, „Светлост“ се наметнува како еден од најзначајните чинители на современата креативна сцена.

Во краток период од октомври 2019 до април 2020 година издаваат три критички признаени албуми „Одрон Ритуал Оркестра“, „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“ за „ПМГ Џез“. Работејќи низ раниот период на ковид-пандемијата во нестандардни услови, кулминацијата на нивниот прв творечки период е концертот на 39. Скопски џез-фестивал, заокружен со „A Wave Returns To The Ocean“, како нивното четврто издание.

На почетокот на оваа 2024 година се прегрупираат со избистрен фокус и го создаваат досега најдлабокиот уметнички материјал, под името „Everything Was As It Had Been A Minute Ago“, инспириран од моменти на лична загуба, чувства на неприпаѓање, губење на верба во можноста за општествена еднаквост, сочувство со жртвите на новите војни и Давидовска борба против Голијатската капиталистичка машина. Новиот албумот на „Светлост“ е достапен на платформата Bandcamp на „ПМГ Џез“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот