Џафери и Демири и во извршната и во законодавната власт – експертите критикуваат

фото: Кабинет на техничкиот премиер Џафери

Антикорупциската комисија реагира дека избраните функционери мора да го почитуваат Уставот и законите и потсетија на пратеничката функција е неспоива со било која друга јавна функција. Од друга страна, Талат Џафери како технички премиер и Илир Демири како министер за здравство, чии мандати беа верификувани на конститутивната седница, не се повлекоа од ниту една од функциите.

За неспојливоста на функцијата пратеник со било која друга јавна функција реагираат и експертите.

Од Владата велат дека остануваат на ставот кој Џафери го искажа на конститутивната седница – дека немало да учествува во работата на Собранието додека му трае мандатот во техничката Влада.

Според  универзитетскиот професор по уставно право, Денис Прешова, ова е скандалозно, бидејќи можеби утре на Џафери ќе му текне дека сака да биде претседател па ќе потпишува укази на закони, или пак ќе си се прогласи за претседател на Уставен суд – земајќи го предвид неговото самоволие.

Бара од институциите веднаш да реагираат и законите да важат подеднакво за сите. Коментирајќи дека менталниот склоп на Џафери всушност е неспојлив со владеење на правото.

„Одново дотичната особа сака да ни продаде самоволие и силеџиство како правно толкување како и во редица на претходни ситуации како на пример со изборот, вонредната состојба, гласањето за недоверба, ветото и слично. Лажно претставувајќи ни се како некаков врвен правен авторитет и величина, тој всушност во крајно арогантен манир ни укажува дека нема што институциите да постапуваат и да ги применуваат правилата бидејќи правно правило е она што Талат ќе ви каже. Во типично војнички манир – наређење, извршење – ни долови дека неговиот ментален склоп всушност е неспојлив со демократија, парламентаризам и владеење на правото, исто како што пратеничката функција е неспојлива со функцијата претседател на Владата,“ порача професорот Прешова.

Вчера предупреди и ДКСК. Мора да се почитува Уставот, Законот за пратеници, Законот за Собрание, Изборниот законик…

„Непочитувањето обврските и забраните повлекува последица за престанок на мандатот на избраните функционери, согласно Законот за собрание, за пратеници, Изборниот законик. Потсетуваме дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“, предупреди ДКСК.

Илир Демири во краток телефонски разоговор прашан дали ќе се повлече од една од функциите, тој рече дека не правел ништо незаконски, пренесува Алфа.

„Не правам ништо незаконски. Како што е законот така ќе постапувам“, изјави Демири кратко во телефонски разговор.

Новиот претседател на Собранието се повикува на досегашната пракса и не прецизираше што конкретно ќе преземе и од каде ќе земаат плата. Гаши тврди дека Уставот треба да се допрецизира во овој дел, пренесе Телма.

Со усвојувањето на пржинската влада, стана пракса секој како сака да ги толкува Уставот и законите кога е дел од техничката извршна власт власт, а истовремено станува и народен избраник.

Прешова: Џафери демонстрира самоволие – не може да биде и пратеник и премиер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот