Две работи се сигурни: Жена ќе стане претседателка на Мексико и ќе наследи празна каса

Многу милијарди се вложени во интерокеанскиот железнички коридор - Фотографија ЕПА, Луис Вилјалобос

Популистичкиот претседател Лопез Обрадор заминува во „сопствен стил“ – со големо трошење пари. Неполна половина година пред крајот на мандатот, тој предлага нови и скапи проекти, иако и досегашните се далеку од завршени

Мексико во јуни првпат во својата историја ќе избере жена на претседателската функција. Тоа е речиси сигурно, бидејќи и владејачката партија и главната опозиција кандидираа жени.

Но, идната претседателка, без оглед дали тоа ќе биде Клаудија Шеинбаум или Чочитл Галвез, ќе ги наследи и долговите што ги прави актуелниот шеф на државата, Андрес Мануел Лопез Обрадор.

Иако уставниот мандат му завршува на 30 септември, популистичкиот претседател Лопез Обрадор заминува во „сопствен стил“ – со големо трошење пари. Неполна половина година пред крајот на мандатот тој предлага нови и скапи проекти, иако и досегашните се далеку од завршени.

– Идната администрација ќе управува со земја со длабока финансиска дупка, што ќе го ограничи просторот за маневрирање барем во следниот мандат – објаснува Алфредо Кутињо, директор на аналитика во компанијата „Мудис“.

Лопез Обрадор објави експропријација на американската компанија „Вулкан материјалс“, што може да ја чини државната каза 1,9 милијарда долари, бидејќи меѓународната арбитража веројатно ќе ја усвои жалбата на компанијата за експлоатација каменоломи. Претседателот презеде обврска и за обнова на патничкиот железнички транспорт.

Приватните концесионери што ги користат пругите за товарни возови одбија да пренесуваат и патници, поради што државата ќе мора да купи патнички возови, да прилагоди и обнови железнички станици и да организира систем за продажба на билети. Пред крајот на годината Лопез Обрадор ја промовираше и новата државна авиокомпанија, во време кога многу земји решија да ги затворат или да ги продадат сопствените поради неисплатливост.

Лопез Обрадор ја испразни касата пред да замине од функцијата – Фотографија ЕПА, Сашенка Гутјерез

И, конечно, на 5 февруари претседателот објави дека владата ќе им гарантира на работниците дека ќе ги задржат истите месечни примања и кога ќе заминат во пензија. Овој популистички план, откако беше анализиран, се покажа дека не им носи благосостојба на работниците и дека ќе се однесува на строго ограничени категории, но сепак е огромен товар за државната каса од која ќе мора да бидат издвојувани милијарди долари.

Шајнбаум, кандидатката на владејачката партија Морена, на истиот ден објави дека ако биде избрана за претседателка, строго ќе се придржува до сите проекти од Лопез Обрадор, а ќе има и свои иницијативи.

– Секако дека ова се основите на она што ќе биде нашата влада – порача Шајнбаум.

Само неколку денови подоцна „Мудис“ го спушти рејтингот на националната нафтена компанија „Петролеос Мексиканос“ до најниско можно ниво.

Истата судбина ја очекува и кандидатката на опозицијата, Галвез.

Идната претседателка на Мексико ќе мора да го доврши проектот за нафтена рафинерија од 20 милијарди долари, а за приближно иста сума и пробивањето железница од 1.530 километри низ џунгла за вмрежување на археолошките наоѓалишта и крајбрежните летувалишта на полуостровот Јукатан. Во првите два месеци од сообраќајот на првата довршена секција од мрежата, имало 1.780 странски туристи – по петмина во секој воз. Проекциите биле дека сите вагони ќе бидат полни со туристи.

Треба да се реновираат и многу рафинерии и железнички пруги од Пацификот до Мексиканскиот Залив и до главниот град. Кога во 2018 година го почна мандатот, Лопез Обрадор тврдеше дека сѐ ќе биде завршено до крајот. Сега е јасно дека тоа нема да му појде од рака ни на неговиот наследник.

– Годината ја завршивме со буџетски дефицит од 3,4 отсто, највисок по 1989 година, а за годинава процените се дека ќе биде 4,9 отсто. Долговите значат уште поголеми заеми – објаснува Габриела Силер, директорка за аналитика во „Банко Басе“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот