Две нови изданија, книга и блуреј, ќе бидат промовирани во Кинотеката

Фотографија: Промо/колаж

Во Кинотеката на Република Северна Македонија на 6 декември, во 12 часот напладне, ќе бидат промовирани две нови изданија на Кинотеката – книгата „Документарниот филм и идентитетот“ на Сунчица Симоновска Веселиновска и блу-рејот „Пет македонски етнолошки филма“.

Промотори на изданието „Документарниот филм и идентитетот“ на м-р Сунчица Симоновска Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката, ќе бидат проф. д-р Драгица Поповска од Институтот за национална историја и вон. проф. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката.

Рецензенти на ова печатено издание на истоимениот магистерски труд на Веселиновска се проф. д-р Антоанела Петковска и проф. д-р Тодор Чепреганов, кој за значењето на филмската документаристика напиша: „Снимањето документарни филмови кои најчесто се насочени кон обработка на историски факти од минатото, потврдени со актуелните научни истражувања, директно влијаат врз колективната меморија – како клучен фактор во обликувањето на националните белези на македонскиот народ. Филмот воопшто, а посебно документарниот филм, има моќ постојано да нè враќа во минатото, поради што се наметнува потребата за зачувување на сите елементи кои заземаат значајно место во идентитетот на еден народ – каде филмот се појавува во улога на еден од чуварите и паметниците на идентитетот на тој народ“.

Второто кинотечно издание, кое ќе биде промовирано на 6 декември, е блуреј изданието под наслов „Пет македонски ентолошки филма“, кое е подеднакво значајно за идентитетот како дел од нашата колективна меморија, но пред сѐ како наше аудиовизуелно културно наследство.

Станува збор, како што посочува насловот, за пет документарни филмови со етнолошка тематика, снимени во 1950-ите и 1960-ите години на минатиот век, во продукција на Етнолошкиот музеј – Скопје и продуцентската куќа „Вардар филм“.

Документарните филови поместени на овој блуреј – „Велигденски обичаи“ (1954, р. Ацо Петровски), „Галичка свадба“ (1955, р. Ацо Петровски), „Дервиши“ (1955, р. Ацо Петровски), „Мариовска свадба“ (1966, р. Вера Кличкова) и „Русалиски обичаи во гевгелиско“ (1957, р. Благоја Дрнков) – минатата година беа дигитално реставрирани со средства од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes), кој пак е финансиски помогнат од програмата МЕДИА на Европската унија.

Дигиталната реставрација на петте етнолошки филмови беше извршена од страна на проф. Владимир Павловски, а промотор на блуреј изданието ќе биде етнологот м-р Елизабета Конеска, виш кустос во Музејот на Македонија, известија од Кинотеката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот