Две години не е донесен Законот за туристичка дејност: Се бара јунак за осигурување на аранжманите!

Македонски туризам
Македонски туризам / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Организацијата на потрошувачи на Македонија, секоја година добива поплаки за несоодветно сместување, нереализирано патување, плаќање за една, а добивање друга услуга со понизок квалитет…

Најкусото образложение што и по две години сè уште не е донесен новиот Закон за туристичка дејсност е – што нема осигурителна компанија што би ги покрила полисите за туристичките аранжмани. Консензуалниот предлог на сите стопански комори, околу кој се кршат копјата, е осигурителните компании да понудат осигурителни полиси од 100.000 евра. Целта е јасна и едноставна – регулирање на пазарот на туристичките агенции во државата. И со постојните прописи, граѓаните имаат некаква заштита од  нереализираните аранжмани, ако поднесат претставка до Пазарната инспекција. Претставка може да се поднесе и ако не е исполнет некој член од договор со туроператорот. Експертите уверуваат дека со новиот закон, граѓаните ќе бидат уште повеќе заштитени и побрзо ќе добијат обесштетување. Неофицијално адвокатите не се расположени да поднесуваат тужби во име на измамените туристи, бидејќи овие дела тешко се докажуваат.

– Измените на Законот за туристичка дејност во делот на осигурувањето не се пуштени од страна на Министерството за економија, бидејќи осигурителните компании немаат понуда за осигурување аранжмани – велат за „Слободен печат“ од  Кабинетот на министерот Крешник Бектеши.

Актуелниот закон овозможува осигурителна полиса или банкарска гаранција што во моментот дава опција агенциите да приложат банкарска гаранција за осигурување на нивните аранжмани, но поради фактот што со осигурување е поевтино, тие приложуваат полиса која покрива само обесштетување во случај на грешка на туристичкиот агент!

– Министерството за економија преку Агенцијата за супервизија на осигурувањето е во комуникација со осигурителните компании и се бара решение и во моментот кога најмалку две осигурителни компании ќе понудат соодветно решение, ќе пристапиме кон измена на законот. И осигурителните компании бараат решение, кое ќе биде прифатливо и за туристичките агенции – објаснуваат од Министерството за економија.

Во земјава има околу 700 туристички агенции, но на педесетина им се истечени лиценците и не им се обновени. На некои агенции лиценците им се истечени уште пред неколку години. Поради неправилности во работењето, одземени се лиценци на само неколку агенции.

Ова не им оди во прилог на патниците кои им веруваат на агенциите, што се покажува и низ податоците на Организацијата на потрошувачи на Македонија. И како по правило секоја година во ОПМ и натаму добиваат поплаки за несоодветно сместување, нереализирано патување, плаќање за една, а добивање друга услуга со понизок квалитет. И годинава почна со такви критики за несоодветно сместување деца по летни кампови.

– Во категоријата на услугите, како и секоја година значително најзастапени се туристичките. Најчесто се работеше за проблеми со туристичките патувања, односно ваучерите за патување кои се доделуваа за откажани патувања поради коронавирусот, како и неможноста потрошувачите да ги остварат своите права поинаку, освен да поведат судска постапка – стои во Годишниот извештај на ОПМ за 2020 година.

Од Стопанската комора на Македонија, пак, велат дека проблемите произлегуваат од широката законска рамка и недоволната контрола од надлежните институции.

– Со тоа што се дозволува регистрација на многу сезонски агенции, кои не ги исполнуваат основните услови за работа, се создаде нелојална конкуренција на пазарот преку нудење неквалитетни и лажни аранжмани – велат од СКМ за „Слободен печат“. Затоа и се инсистира на побрзо донесување на новиот Закон за туристичка дејност, со кој ќе се предвиди секоја агенција, со А и со Б-лиценца да обезбеди банкарска гаранција за клиентот што патува. Во моментот банкарска гаранција на 100.000 евра имаат само агенциите со А-лиценца.

Македонија загубила повеќе од 140 милиони долари од странскиот туризам

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот