Тунел кај Демир Капија / Фото: ЈПДП

Две фирми ќе поделат 480.000 евра за одржување тунели — едната има само еден вработен, другата двајца

Едната од фирмите, „Роудс анд Танелс Контрол Системс“, основана во 2020 година, го носи буквално истото име како и самата набавка и посериозно почнува да работи во 2023 година, кога првпат добива тендер од Јавното претпријатие за државни патишта.

Поделена на три договори, набавката вредна 29,5 милиони денари за одржување на тунелите си ја поделија две фирми. Едната, постара, ќе го земе помалиот дел од колачот. Поновата, пак, добива два од трите договори, објави „Фактор“.

Фирмата „Дин Системи“ од Скопје, основана во 2006 година, го доби договорот за „Одржување тунелски сензори“. Со Јавното претпријатие за државни патишта првпат склучила договор минатата година, исто така за оваа услуга, вреден околу 115.000 евра, додека, пак, годинава сумата е зголемена на приближно 153.500 евра.

Но, оваа фирма од 2023 година почнала да добива државни тендери, од Собранието. Во март 2023 година, дала најниска понуда на тендерот на Собранието за одржување на системот кој одбројува колку време зборуваат пратениците. Во октомври, истата година, ја добила и набавката за конференциска опрема за конференциските сали во Собранието.

Годинава, пак, повторно го добила тендерот за одржување на системот за одбројување на дискусиите во Законодавниот дом.

Извор: Е-набавки

Оваа компанија, се вели во текстот на „Фактор“, која истовремено ги одржува тунелските сензори и системот за одбројување на времето на говорите на пратениците, според последните податоци има само двајца вработени – исто колку што има и сопственици.

Финансиските резултати ѝ варираат низ годините, со добивки што најчесто не надминуваат 1.000 евра годишно. Во 2022 година остварила приходи од околу 65.000 евра и добивка од околу 1.000 евра.

Во 2023 година приходите паднале на околу 54.000 евра, а добивката се намалила на приближно 325 евра. Лани, пак, фирмата остварила речиси 98.000 евра приходи, со добивка од околу 930 евра.

Извор: „Е-набавки“

Втората фирма, која добива поголем дел од колачот, пишува порталот, буквално го носи името како и набавката, само на англиски јазик. Се вика „Роудс анд танелс контрол системс“, а основана е во 2020 година. Според финансиските резултати, почнува да работи посериозно во 2023 година, кога и првпат добива тендер од „Државни патишта“.

Извор: „Е-набавки“

Оваа компанија досега има освоено шест државни тендери, сите од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и сите со ист предмет – „Одржување на тунелски системи и опрема“. Вредноста на договорите варирала според потребите на претпријатието, но годинава фирмата добила три нови тендери. Првиот, во април, изнесува околу 63.300 евра, наведува „Фактор“, а другите два, склучени вчера, се вредни приближно 153.500 евра и околу 67.200 евра, што заедно изнесува околу 284.000 евра. Со поголемиот договор фирмата е задолжена за одржување на системите за управување со сообраќај во тунелите кај Демир Капија, а со помалиот — за радио-комуникациските системи во истите тунели.

Според најновите податоци, компанијата има само еден вработен. Во 2022 година нејзините приходи изнесувале околу 490 евра, а расходите околу 30 евра. Во 2023 година, кога почнала да добива тендери, приходите нагло скокнале на околу 238.000 евра, со добивка од приближно 7.900 евра. Лани, приходите се зголемиле на околу 295.000 евра, заклучува порталот во својата анализа, но поради повисоки трошоци, добивката се намалила на само околу 500 евра.

Извор: „Е-набавки“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот