Фото: EPA/MAANSI SRIVASTAVA

Двајца млади Хрвати казнети со по 700 евра за нацистички поздрав – извикувале „Зиг хајл“ кон минувачи

Две 20-годишни момчиња биле казнети со по 700 евра бидејќи извикувале нацистички поздрав во Задар, пренесува „Задарски лист“.

Општинскиот суд во Задар вчера ја објавил одлуката, со која момчињата биле прогласени за виновни за прекршок од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Според пресудата, за истакнување и за изведување симболи што го претставуваат нацистичкиот режим е предвидена парична казна од 700 до 4.000 евра или затвор до 30 дена.

Обвинетите на 10 мај ја подигнувале десната рака додека поминувале покрај граѓани и двапати го извикувале нацистичкиот поздрав „Зиг хајл“.

Двајцата обвинети го признале делото и дале идентична одбрана, наведувајќи дека им е жал и дека се каат за постапката. Тие изјавиле дека биле во друштво со пријатели и дека испиле премногу, па нивното однесување било последица на алкохолизираност.

Судот, врз основа на признанијата и на полициска видео-снимка, утврдил дека нивното однесување ги исполнува сите елементи на прекршокот.

Хрват во Германија уапсен поради нацистички поздрав

Во образложението се наведува дека изразот „Зиг хајл“ е германски поздрав што историски бил користен на собири на Нацистичката партија во 1930-тите и во 1940-тите, најчесто со подигната десна рака, и денес се смета за симбол на нацизмот, чија употреба е забранета.

Судот како олеснителна околност ги зел признанијата, а како отежителна претходните прекршочни осуди за слични дела, поради што им е изречена казна во наведениот износ.

Во Хрватска вакви случаи се ретки, но еден сличен инцидент се случил во 2018 година на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб, кога 55-годишен маж бил казнет за нарушување на јавниот ред и мир поради нацистички поздрав.

Во образложението на таа пресуда се наведува дека подигнатата рака симболизира поздрав од времето на тоталитарните режими и дека претставува израз на расистичка идеологија и на омраза, поради што ваквите постапки го нарушуваат јавниот ред и мир.

Европскиот суд за човекови права во повеќе случаи поврзани со нацистички поздрави и извици оценил дека говорот што промовира омраза или тоталитарни идеологии не е заштитен со слободата на изразување, бидејќи таа слобода не е апсолутна.

Во анализи на Судот е наведено дека нацистичките симболи како „Зиг хајл“, кукаст крст и „СС“ се еднозначни симболи на омраза и можат да бидат санкционирани без дополнително докажување на контекст.

Жена од Холандија казнета поради нацистички поздрав во Аушвиц

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот