Двајца алпинисти загинаа, двајца други спасени на највисокиот врв во Нов Зеланд
Двајца алпинисти загинаа на Аораки, највисокиот врв на Нов Зеланд, додека уште двајца од истата група беа пронајдени и спасени со хеликоптер, објави Еуроњуз.
Препорачано
Властите во земјата соопштија дека телата на двајцата алпинисти се пронајдени и дека специјализирани екипи се обидуваат да ги извлечат. Двајцата мажи биле врзани за јаже кога паднале во близина на врвот на Аораки, познат и како планината Кук.
Аораки е висок 3.724 метри и е дел од Јужните Алпи, спектакуларен и леден планински венец што се протега низ Јужниот Остров. Врвот привлекува искусни алпинисти. Теренот е особено тежок поради ризикот од лавини и променливи временски услови.
Повеќе од 240 смртни случаи се регистрирани на планината и националниот парк што ја опкружува од почетокот на 20 век, додека десетици алпинисти кои исчезнале никогаш не се пронајдени.
Меѓу нив се тројца мажи – двајца од САД и еден од Канада – за кои се верува дека загинале на Аораки во декември 2024 година. Американците, 56-годишниот Курт Блер од Колорадо и 50-годишниот Карлос Ромеро од Калифорнија, биле сертифицирани планински водичи.
Тројцата алпинисти биле исчезнати пет дена пред властите на Нов Зеланд да ја прекинат потрагата, велејќи дека доказите од нивната опрема укажуваат дека паднале во празнина и починале.


