Дваесетина правници се пријавиле за македонски судија во Стразбур, мандатот трае девет години
На конкурсот на македонското Министерство за надворешни работи за нов судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, се пријавил 21 кандидат, објави „Телма“. Пријави има од судии и обвинители, но и од познати адвокати. Својата пријава на конкурсот за телевизијата ја потврдиле обвинителката Ленче Ристовска и судијката од Кривичниот суд, Оља Ристова.
Препорачано
За атрактивната позиција, за која што мандатот трае девет години, се спомнуваат и адвокати како конкуренти за Стразбур, а некои од нив се дел од Управниот одбор на Адвокатската комора или познати адвокатски имиња, пишува „Телма“.
Уставниот судија Осман Кадриу, кој е член на комисијата за избор, вели дека имало шпекулации дека и неколкумина уставни судии биле заинтересирани за позицијата, но оти тој не знае дали доставиле пријава.
Кадриу додава дека во понеделник, комисијата формирана од МНР ќе го добие конечниот број на пријави, по што ќе почне процесот на селекција и проверка за тоа кои кандидати ги исполнуваат условите.
Македонски судија во Судот за човекови права од 2017 година е Јован Илиевски. Деветгодишниот мандат на новиот судија треба да започне во јануари идната година.


