Чешкиот регулатор за нуклеарна енергија денеска одобри изградба на два нови нуклеарни реакторa во електрана во близина на селото Дуковани, во централниот дел на земјата.
Регулаторот СУЈБ денеска ја издаде соодветната дозвола по проценката на проектот за проширување на нуклеарката, согласно Законот за атомска енергија, што траеше една година.
– Не се утврдени факти што би спречиле проширување на нуклеарната централа, соопшти нуклеарната физичарка Дана Драбова, претседателка на СУЈБ.
Нуклеарната централа Дуковани се наоѓа на скоро 100 километри северно од австриската престолнина Виена и околу 200 километри источно од германскиот град Пасау, потсетува агенцијата ДПА.
Во моментот, во нуклеарката во функција се четири реактори постари од 30 години, со вкупен капацитет за производство од 2.040 мегавати електрична енергија.
Електричната енергија произведена во таа нуклеарна централа моментно покрива околу петтина од вкупните потреби на електрична енергија во Чешка.