Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Дурмиши подготвувал план за намалување на инфлацијата

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека за евентуални нови мерки во врска со порастот на цените ќе се почека до крајот на месецов.

По завршувањето на претходните мерки, како што соопшти денес, дојде до очекувано зголемување на цените, но веќе постои стабилизација на инфлацијата. „По завршување на мерките дојде до одредено поскапување што беше и очекувано. Сепак важно е да се истакне дека инфлацијата во јуни беше за 0,8 проценти, а во мај за 1,5 проценти покачена,” рече Дурмиши.

„Иако забележавме раст на инфлацијата, се стабилизира. Ја гледаме инфлацијата по завршување на мерките. Нормално дека треба да се чекаат неколку месеци за да се стабилизира пазарот. Овој тренд укажува дека се стабилизира инфлацијата, информациите што ги имаме се дека ќе се стабилизира и во јуни. Ако ги видиме анализите на Државниот завод за статистика, во јуни имавме покачување кај Транспорт, за 2,9 проценти, кај земјоделски производи имаме многу проблеми бидејќи сме увозна држава, и кај берзанските производи како кафето”, рече министерот.

Дурмиши додаде дека базичната инфлација, која бележи пораст, може да се контролира преку механизми од страна на Народната банка и Министерството за финансии, но тоа ќе биде возможно доколку се избегнуваат дополнителни интервенции како ограничувањето на маржите. “Во моментов работиме на долгорочно решение, како раст на домашното производство на храната, со што ќе се намали увозот, со што директно ќе се влијае врз инфлацијата. Во оваа стратегија се вклучени Министерството за земјоделство и други институции со цел да обезбедиме структурно и планско намалување на инфлацијата.”

Тој исто така најави дека идната недела ќе биде позната просечната потрошувачка кошничка, а методологијата за нејзината пресметка ќе биде доставена на првата седница на Економско-социјалниот совет. Петте сегментирани потрошувачки кошнички, најавени од премиерот Христијан Мицкоски, ќе се дефинираат заедно со советодавно тело.

Министерот за економија и труд дополни дека можна е и државна интервенција, бидејќи покрај цените на храната, има и други сегменти со раст на инфлацијата.

„Можно е со други механизми од НБ и МФ. Има работна група која се среќава, со претстваници и од другите институции. Во тек сме, за кратко време ќе известиме кои ќе бидат чекорите. Сега чекаме да се стабилизираат работите и пазарот и ќе видиме ако има реално поскапување на цените кај основните прехранбено производи каде е интересот на граѓаните, па ќе излеземе со конкретно решение и предлози,” рече Дурмиши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот