Дуќанџиите од чаршија сакаат нови излози, но калдрмата не ја даваат

чаршија
Фото/ Драган Митрески

Општина Чаир и Министерството за економија ќе ги уредуваат излозите во Старата скопска чаршија. Покрај излозите, чаршијата ќе добие и нова калдрма. Ваков договор вчера потпишаа двете институции, а за таа намена ќе бидат потрошени еден милион евра.

Сепак, ова не е прв обид да се промени изгледот на чаршијата. Активностите за уредување на излозите во Старата скопска чаршија стигнаа до 3 -тата фаза. Дел од излозите беа обновени во првите две фази, а екипата на „Слободен печат“ денеска се прошета низ чаршијата и ги најде дуќаните кои добиле субвенции за промена на излозите.

Како што не информираа сопствениците, никој од нив не поднел барање за промена на излогот, ниту пак доплатил дел од средствата.

– Целокупниот износ беше покриен од средствата од Европска Унија. Цел ред дуќанџии добија нови излози, сите во иста, кафена боја – ни рече сопственикот на туристичка агенција Саб Турс.

чаршија
Фото/ Драган Митрески

Промена на излозите сакаат сите дуќанџии

Со уредувањето на излозите, разноликоста, што беше симбол на чаршијата, заминува во историјата, а новите правила ќе важат за сите занаетчии што имаат дуќани во чаршијата. Според новите правила, нема повеќе различно димензионирани излози на ист тип занаетчиски дуќани, односно нема да може едни излози да бидат со дрвени ќепенци, а други со пластични ролетни. Исто така, новите правила подразбираат и натписите на имињата на дуќаните да биде со букви со иста големина, да се користат исти симболи и букви за рекламите во чаршијата, а унифицирањето важи и за осветлувањето.

Како и да е, сите овие измени не им пречат на дуќанџиите. Напротив, оние чии излози изостанале во првите две фази, со нетрпение чекаат да дојде и нивниот ред за промена на излозите.

Познат кожар, чии врвни кожни изработки ги купуваат претежно туристите, вели дека преку еснафскиот одбор на чаршијата, се обидувале да издејствуваат промена и на нивните излози. Но, калдрмата не ја даваат.

– Калдрмата не ја даваме. Таа е душата на чаршијата – вели кожарот, а со него се согласува и еден ташнар, кој вели дека е разочаран што луѓето купуваат евтини копии, наместо домашно, рачно изработени ташни.

чаршија
Фото/ Драган Митрески

Архитектите се против промена на излозите и калдрмата во чаршијата. Велат дека ќе се направи непроценлива штета на културно историското наследство доколку се продолжи со трендот на унифицирање на излозите.

Архитектот Митко Доновски од „Поинт дизајн“ објаснува зошто е против оваа промена:

– Старата скопска чаршија е историско јадро, симбол по кој се препознава Скопје. Потполно е погрешно размислувањето дека овој проект ќе привлече нови туристи. Јас дефинитивно сметам дека нема потреба сите дуќани да бидат исти, секако треба да се разликуваат по некоја карактеристика. Уште полошо ако се вади или менува калдрмата. Во цел свет старите градови си остануваат стари, никој не ги обновува, вели архитектот.

чаршија
Фото/ Драган Митрески

Општина Чаир уверува дека нема да се уништи културно-историското наследство

Општина Чаир смирува, нема да се наруши автентичноста на чаршијата. Ќе бидат направени само неопходни зафати, со цел зачувување на културно-историското богатство.

Од 2008 година, Старата Скопска Чаршија е под трајна заштита како културно наследство со посебна вредност.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот