ДУИ сплете пајакова мрежа која ќе ја одведе во опозиција: Заев може да формира влада и без Ахмети

Изборна ноќ - Предвремени парламентарни избори 2020 / Обраќање на Зоран Заев по победата на изборите / Скопје, 16 јули / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Функционерите на ДУИ јавно не отстапуваат од барањето за премиер Албанец, а Буајр Османи во интервју за грчи „Етнос“ дури беше и дециден дека неговата партија ќе го добие мандатот за состав на нова влада и дека тие ќе одлучат кој ќе влезе во владата. Кандидатот за премиер на интегративците, Насер Зибери смета дека лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски немаат право да бараат пратеник повеќе за да може да формираат влада и дека е неопходно да се почитува начелото победник со победник.

Зибери: Заев и Мицкоски немаат право да бараат пратеник повеќе за да може да формираат влада, да се почитува начелото победник со победник (ВИДЕО)

Но, што се крие зад ваквите изјави? Дали станува збор само за билдање на партискиот рејтинг пред гласачите? Дел од медиумите на албански јазик пишуваат дека ДУИ го моли СДСМ да ја формираат новата Влада заедно и дека нивното барање за прв премиер Албанец е само политички маркетинг. За ДУИ било важно да биде дел од Владата и без премиер Албанец, доколку не се чепнат неколку од управите коишто би влијаеле на поделби во партијата.

Според аналитичарите, барањето на ДУИ за премиер Албанец е најголемата колективна измама на Албанците во последните 50 години. Според нив, постои шанса СДСМ и ДУИ да формираат влада, но не ја отфрлаат ниту можноста Ахмети да заврши во опозиција, статус кој, како што вели аналитичарот Мерсел Биљали, на партијата ќе и дојде како лек за сите метастази.

Тој смета дека и странците се многу заинтересирани партијата на Ахмети да заврши во опозиција, не само како лекција дека конзумирањето национализам не се исплатува, туку и затоа што се свесни дека со нив, реформите во судството и администрацијата се невозможни.

Биљали оценува дека партијата на Ахмети влегла во опасна пајакова мрежа што сама ја сплела против другите партии на Албанците.

– Немајќи со што да излезе пред гласачите, оти 20 години немаат ништо направено, освен економски пустош, смислија „бисер“ – премиер Албанец, кој требаше да собере незаслужени гласови. Тоа е најголема колективна измама што им се има случено на Албанците во последните 50 години. Кога се покажа, дека и тоа нема да им помогне, морале да поткупуваат и да полнат кутии на повеќе места. Таму каде што тоа не можеле да го прават, резултатот им е катастрофален. Замислете, процентот на излезност кај Албанците е 33 отсто, а во Зајас кај што нема ни живо пиле и во некои други планински села во тетовско и во Сарај да има „излезност“ над 90 отсто. Испаѓа душите на тие кои се по Европа и САД дошле и гласале за „големата идеја“ на Ахмети. Ова е голема брука за држава која ги почнува преговорите со Европската Унија. И сега бара помош од другите партии на Албанците. Убаво кажа генералниот секретар на Алијансата, дека поканата на Ахмети наликува на тоа кога некој што ти ја ограбил куќата, те кани на ручек. Мислам дека тие партии, сега имаат силен адут поради постојниот чист резултат и сега слободно можат да му кажат – немаме време за тебе – вели Биљали.

ИНТЕРВЈУ Арбен Таравари: Невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на истото место

Биљали смета дека и странците биле многу заинтересирани ДУИ да заврши во опозиција.

– Со нив не е можен никаков напредок. Тие знаат дека нивната власт постои сама за себе и за грст луѓе што се на спротивната страна на законот. Мислам дека подолг период демократијата кај албанскиот дел е сериозно згазена и ме плаши дека тоа може да доведе до сериозни безбедносни последици ако не се исече во корен. Најдобро решение е широка коалиција без ДУИ на која статусот опозиција ќе и дојде како лек за сите метастази. Тоа ќе и дојде како на Сахара дождот. И за нив самите е корисно едно генерално прочистување – вели Биљали.

Александар Кржаловски од МЦМС, смета дека во игра се неколку варијанти. Оценува дека поради бројот на освоените мандати, најреална е коалиција меѓу СДСМ и ДУИ. Но, не ја отфрла можноста ДУИ да заврши во опозиција. Вели дека изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев „време е ДУИ да биде во опозиција“ може да се реализира само во варијанта на голема коалиција,

– СДСМ и Алијансата да формираат малцинска влада со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за изборот на Владата, а потоа да не учествува во владата – вели Кржаовски.

Тој оценува дека најневозможна варијанта е влада без СДСМ. Не верува дека тоа би можело да се случи. Но потсетува дека веќе имаше таков преседан кога на претходните парламентарни избори, иако ВМРО-ДПМНЕ имаше освоено најмногу пратенички мандати, сепак беше исфрлена од играта. И затоа Мицкоски смета дека се во игра за формирање на нова Влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот