ИНТЕРВЈУ Арбен Таравари: Невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на истото место

арбен таравари
Арбен Таравари / Фото: Архива на „Слободен печат“

Не сакаме да создаваме хибрид којшто нема да функционира, ниту, пак, мислиме дека треба да дозволиме нашата партија да се претопи во сојуз со субјектот којшто е целосно дегенериран и чие досегашно дејствување и последици ќе се чувствуваат со генерации.

Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар, на македонската политичка сцена се појави на парламентарните изборите во 2016 година по кои стана и министер за здравство како претставник на Алијанса за Албанците. Од Владата на Зоран Заев излегува откако местото министер за здравство беше прераспоредено кај СДСМ.

На локалните избори во 2017 година Таравари стана градоначалник на Општина Гостивар, победувајќи го својот противкандидат од редовите на ДУИ Невзат Бејта.

На овие избори Вашата партија или коалиција е најголемиот победник, ако се има предвид дека освоивте четири пати повеќе мандати од изборите во 2016 година, односно дури 12. Дали сте задоволни и покрај приговорите што ги имате? 

– Апсолутно сме задоволни. Заедно со партијата Алтернатива добивме 12 мандати или 82.000 гласа. Искрено, цел ни беа околу 90.000, но го имаме предвид и амбиентот во кој се бориме до дојдеме до израз. Ние сме партија која на овие избори триумфираше со гласови кои беа чисти како солза, на ниту еден начин не вршевме притисок, не компромитиравме, не заплашувавме и не условувавме граѓани. Немавме ниту доволно рекламен простор во националните медиуми, бидејќи бевме третирани како мала партија. Овојпат не би сакал многу да зборувам за валканите игри на политичките противници, тие кои сакаме да се истиснат од сцената на политиката. Нивните методи се добро познати и за тоа сме зборувале повеќе пати. Овојпат нашиот триумф нема да го засенувам со тоа што ќе ги елаборирам (само)деструктивните методи на противникот. За партија која е релативно млада, постои од 2015 година, мислам дека постигнавме повеќе од достоинствен резултат, со одличен квантум на гласачи, на коишто им благодарам од сè срце. Допрва ќе се види квалитетот на нашите пратеници и мислам дека тоа е најдобриот начин да им возвратиме на тие што и го довериле својот глас на нашата партија. Колку за споредба, на првите изборите на коишто настапивме добивме само два мандати, еденбеше на НДП, а вкупно, заедно, добивме околу 36.000 гласа. Следуваа локалните избори на кои освоивме три општини, Гостивар, Врапчиште и Боговиње и вкупно 51.000 глас од советничките листи. Да оставиме граѓаните да зборуваат и на следните локални избори во 2021 година.

Сега јавноста е во голема неизвесност и во исчекување како и кој со кого ќе коалицира за да се формира парламентарно мнозинство за состав на Влада. Вашиот преговарачки капацитет е очигледно зголемен. Какви се плановите, ќе партиципирате ли во идната Влада?

– Најпрво, за нас е битно успешно да заврши изборниот процес. Имаме 150 приговори за изборните единици 5 и 6, иако сметаме дека имаше злоупотреби и во изборните единици 1 и 2, посебно во Чаир, Сарај и Липково. Очекуваме нашите приговори да бидат прифатени и да бидат сменети одредени бројки од пратеничките мандати. Што се однесува до вашето прашање за желбата и плановите да учествуваме во идната влада, нашиот одговор е да, секако. Секој демократски систем се потпира на политичките партии како еден од примарните начини за рефлектирање на различните гледишта и за застапување на широк спектар интереси во процесот на политичко одлучување. Ефективноста и кредибилитетот на партиите има суштинско влијание врз успехот на демократијата. Токму овде се гледаме себеси. Да се разбереме, ние не сакаме во власта да учествуваме по секоја цена. Нашата определба е да се бориме против корупцијата, за владеење на правото, за евроинтегративните процеси и за добробитта на граѓаните. Во таа смисла, подготвени сме за соработка со сите оние политички субјекти коишто искрено ги делат истите стремежи, во интерес на државата и на граѓаните.

На кои места им давате приоритет, можеби и овојпат би го барале Министерството за здравство?

– Воопшто не ни се важни министерствата и раководните позиции. Примарно за нас е во владата да бидат застапени квалитетни, компетентни и чесни кадри. Не сакаме во владата да има кадри чии први работни места се министри или директори. Имаме квалитетен кадар за секое Министерство. Но, да ги почекаме резултатите.

Се чини дека една од опциите може да биде Влада во која би влегле на некој начин сите партии на Албанците или најмалку Алијанса за Албанците и ДУИ. Како гледате на ваквата можност?

– Мислам дека објаснив, но ќе кажам повторно. Нам не ни се одлика валканите политички игри, пресметки и калкулации. Впрочем, со таквото чисто минато и сегашност сакаме да влеземе во идната влада. И по секоја цена ќе се бориме да го задржиме својот интегритет и доследност кон граѓаните. Во таа смисла, невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на истото место. Не сакаме да создаваме хибрид којшто нема да функционира, ниту, пак, мислиме дека треба да дозволиме нашата партија да се претопи во сојуз со субјектот којшто е целосно дегенериран и чие досегашно дејствување и последици ќе се чувствуваат со генерации. И пак ќе повторам, нашата цена е да учествуваме во развојот на ова општество, а не во неговото уназадување.

Дали досега имавте контакти со Заев или Мицковски?

– Сè уште не.

Која партија од македонските повеќе ја преферирате? Со која би ги реализирале полесно вашите програмски определби, меѓу кои и онаа за бинационална држава?

– Не сакам работите да се сведуваат на фаворизирање или на демонизирање на политички субјекти. Сакам да зборуваме за политиките и принципите што ќе доведат до развој на ова општество. Доколку идните коалициски партнери се анализираат себеси низ таа призма, ќе биде јасно кој со кого треба да работи во заедништво. Отворени сме за дискусија и соочување околу начините на кои најефективно ќе ја доведеме државата на точката на развој што ја заслужува и за начинот на кој што ќе се обединиме во европските структури. Местото на ова општество е таму.

Речиси сите партии на Албанците на овие избори имаа свои специфични радикализирани позиции, барем од македонска гледна точка. Како мислите да ги ефектуирате кога за тоа е потребна согласност и од партијата на Македонците со која ќе коалицирате?

– Секоја коалиција што се заснова на здрави принципи, искреност во намерите и желба за напредок нема да има никаков проблем во функционирањето. Коалицијата е како секој друг однос на взаемност и заедништво, ако има искреност од двете страни, животот е квалитетен, а луѓето наоколу задоволни. Табуа во разговорите не се потребни, за сè треба да се договараме искрено, рационално и според можностите, а бројките и меѓусебните договори наметнуваат и соодветни решенија.

Во исчекување на другите, засега имате понуда од страна на ДУИ да се обедините околу нивната идеја за премиер Албанец? Држи ли сè уште оваа идеја, особено сега, кога очигледно резултатите од изборите водат кон такви пазарења?

– Јас и во претходно интервју за „Слободен печат“ споменав дека премиерот, оној што би бил на челна позиција, не треба да се гледа како Албанец, Македонец, Турчин, туку како мудар, стабилен и некорумпиран политичар. Етноцентризмот нема да биде нашата определба, туку доброто на секој граѓанин во оваа држава. За оваа држава да бележи напредок најмалку од сѐ ѝ е потребно да има политичари со тенденција општеството да го делат на ин и аут-групи, „ние“ наспроти „тие“. Ние не сакаме да учествуваме во таков тип пазарења. Она што го направи Ахмети беше повеќе изборен трик, отколку една грандиозна идеја за обединување на Албанците во државата.

Можно ли е ваквата состојба да води кон нова, поголема, криза во државата?

– Факт е дека која било комбинација на Влада ќе биде со гранични бројки. Мислам дека ако не успееме да излеземе на крај со оваа ситуација, не би било чудно со локалните избори да се одржат и нови парламентарни избори, за да се состави постабилна влада. Mислам тука, пред сè, на бројот на пратеници. Ни претстои тежок период, а во таков сме веќе подолго време – пандемијата со коронавирусот и нејзините последици, економскиот дефицит…За која било владина комбинација овие предизвици се навистина тешки.

Господине Таравари, досега до ДИК имате поднесено 74 приговори. На што се однесуваат и дали може да го сменат изборниот резултат во корист на Алијансата и коалицијата?

– Имаме поднесено вкупно 150 приговори, само за изборните единици 5 и 6, бидејќи таму може да дојде до промена на резултатите. Нашите анализи покажаа дека станува збор за поткуп на гласачи, гласање на лица кои на денот на гласањето не биле во државата, повеќекратно гласање на исти групи луѓе во различни избирачки места, полнење кутии…

Велите се работи за изборна кражба, тоа се сериозни обвинувања. Имате ли некакви докази за тоа и како е тоа можно ако на избирачките места имало набљудувачи и од вашата партија (ако имало)?

– Нашиот Сектор за правни работи ги подготвува жалбите, секако, со доказни материјали, фотографии, видео-снимки. Истите тие доказни материјали се испратени и кај претставниците на ОБСЕ-ОДИХР, до претставници на амбасади во државата… Да го почекаме исходот од сето ова.

Државата мора да се однесува еднакво кон сите

Вашата синтагма „држава за сите“ е на некој начин контрапункт на „едно општество за сите“ на Зоран Заев и СДСМ. Дали тие само звучат различно или има и допирни точки кои би можеле да одат рака под рака?

– Секако дека може да одат рака под рака ако реално се оствари суштината на стратегијата за едно општество, а тоа е надминување на поделеноста на општеството по различни основи. Република Северна Македонија е мултиетничка држава, а тоа подразбира дека и државата и институциите треба да се однесуваат подеднакво кон сите граѓани. Примери на поделеност има насекаде, буквално на секој чекор. Додека го пишувам ова, околу 1.000 деца Албанци во државата не може да го остварат своето основно човеково право, да учат на свој мајчин јазик. А, деца од Визбегово одеа во училиште во Шуто Оризари, патувајќи секој ден по 3-4 километри. Освен етничката поделеност, ова општество го одликуваат и поделби по различни други основи. Ние сме партија којашто не сака да гледа дискриминација, говор на омраза, стигматизација и етноцентризам. Веруваме во демократија и владеење на правото, меѓуетнички дијалог и соработка, еднаквост по сите основи, совладување на бариерите што го кочат меѓукултурниот дијалог. Тоа се, всушност, принципите што од нас ги очекуваат и на меѓународен план, тоа се насоките што ги содржат многу документи и препораки на Советот на Европа. Затоа, инсистираме на систем кој ќе биде држава за сите или, наречете го ако сакате, општество за сите. Признавање на сите различности, еднаквост, социјална правда, правичност, еднакви можности на мажите и жените, вклученост и учество на граѓаните во одлучувањето и постигнување општествена кохезија. Ако се остварат овие принципи од стратегијата за едно општество, тогаш, да, секако, ние имаме два различни поими за една иста работа, еднаквоста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот