Државници-политиканти

Фото: Манчо Митевски / Слободен печат/Архива

Неодамна во македонската јавност се случи бранување, посебно на социјалните мрежи, кое го предизвика собирот организиран од МАНУ, крстен како: Свечен научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“, на кој настапија двајцата живи поранешни претседатели на Република Македонија, актуелниот претседател на Република Северна Македонија, претседателот на МАНУ, како и двајца блиски соработници на починатите, првиот и вториот претседател на Република Македонија. Интересно е да се сврти вниманието на пристапот на експретседателите во нивните обраќања.

Двајцата поранешни претседатели кои, иако релативно млади, прифатија доживотно да уживаат во (неоправдано) законски стекнатите постпретседателски бенефиции, што е многу индикативно, се јавија на овој собир откако самоволно ги „замрзнаа“ своите јавни настапи и премолчеа низа значајни настани за нацијата и за државата што се случуваа и ги мачеа граѓаните и општеството за време на нивниот општествено неодговорен молк. Во една пригода едниот од експретседателите изјави дека не се појавува во јавноста за да не ѝ наштети на „неговата“ партија, па се јавува дилема – како да се протолкува сегашното ненадејно појавување!?

Сепак, според кажаното, настапот на експретседателите не беше, како што би требало да биде – државнички, уште помалку научен, а во овој контекст треба да се спомене и претседателот на МАНУ, кој со компетенција за информатика, за што е примен, го води „орото“ за историски, идентитетски и јазични прашања (ги нема историчарите,  правниците, економистите…). Некои академици заиграа на слична карта како пред дваесет години кога раководството на Академијата, на чело со претседателот генетичар, благонаклоно го прифати предлогот за поделба на земјата со размена на територии и население, но по реакциите на јавноста се повлече. Собирот според презентираните анализи, констатации, поенти и изведени заклучоци повеќе наликуваше на политичка дебата со огромни дози на политиканство. Неколку елементи го аргументираат ваквиот заклучок.

МОМЕНТОТ: И МАНУ, како организатор, и експретседателите како „државници“, знаеја или требаше да знаат дека уште од октомври 2017 е познато дека во октомври 2021 година ќе се одржат редовни локални избори, а кампањата ќе почне кон крајот на септември. Сепак, собирот беше организиран на стартот на политичката изборна кампања. Дури и Собранието, иако не е законски обврзано, со стартот на кампањата ги запре своите заседанија. Прашање е зошто во оваа претстава влета актуелниот претседател (иако неговиот  настап беше коректен), со тоа давајќи им легитимитет на политичките настапи на експретседателите.

ВООПШТУВАЊАТА: Зборувајќи воопштено за сегашните состојби во државата и општеството без конкретно лоцирање на политичките носители на власта во изминатиот анализиран период (1991/2021), едниот малку позавиено, другиот жестоко конкретно, целата одговорност за актуелните состојби во сите сфери од животот, посебно за криминалот, корупцијата и националните, идентитетските, меѓунационалните и меѓународните интеграциски процеси и проблеми, со некои примери од последниот период, на перфиден начин ги пренасочија кон актуелната власт. Отворија стратешки теми за веднаш нивните приврзаници и опозицијата оркестрирано да бараат оставки и во владејачката партија и во власта.

ПОДЕЛБИТЕ: Со политикантскиот пристап во своите обраќања, експретседателите, иако декларативно се залагаа за изготвување на платформи за сплотување и за национално единство, создадоа услови за уште поголемо продлабочување на актуелните енормни поделби во македонското општество: политичките (внатре во владејачката партија и со опозицијата), внатренационалните (наводно продаден национален идентитет, јазик, историја…), меѓунационалните (на еден од експретседателите некој треба да му каже дека во нашата земја не живеат само Македонци), социјалните (бројки од ракав без нивен извор), околу стратешките цели на земјата и на граѓаните (добрососедски односи – се кажаа оцени за лоши договори и предлози за нивно поништување), влезот во НАТО, приемот во ЕУ, барање алтернативи)…

ПРЕМОЛЧУВАЊАТА: Зборувајќи со политикантска дикција, експретседателите заборавија да ги споменат големите политички, општествени настани и процеси кои негативно се одразија на развојот на земјата, нејзините застои во евро-атлантските интеграции и особено за ’ртењето и распространувањето на национализмот, криминалот и корупцијата како плевел за време на нивната по една деценија на чело на државата (премиер+претседател, едниот, два мандата претседател, другиот), за што сега тие крајно критички зборуваат и обвинуваат. Не треба да се разглобува повеќе, туку треба да се кажат само круцијалните проблеми. Транзицијата, односно приватизацијата на општествениот капитал, кога државата пропаѓаше како кредит – „на рати“, а криминалот цутеше, малкумина се збогатија, многумина осиромашија, за што едниот вели дека „грешел, но кога би бил со сегашниот памет…, и толку од одговорноста). Другиот го премолче најцрниот период по осамостојувањето – декадата на политичкиот организиран криминал, кој доведе до заробување, ограбување и осиромашување на државата и на граѓаните и антиквизацијата како проект со кој се бараа „постари корени и подобар национален идентитет“ од автохтониот македонски – словенски, за што се потрошија стотици милиони евра, поради што нашата земја беше изолирана од светот и беа прекинати процесите на нејзина интеграција. Ја заборави исконструираната криминална „мала војна“ со многу жртви во Куманово, неговата скандалозна амнестија на криминалците од врвовите на режимот што ја предизвика „Шарената револуција“, крвавиот обид за државен удар во Собранието за да остане на власт неговата партија…

СОСТОЈБИТЕ: Како „државници“, експретседателите треба да знаат дека држава која била заробена долго време, не се ослободува брзо и лесно и дека, и сега, четири години по падот на власта на „бегалецот од правдата“, таа е сé уште во голем процент заробена и криминализирана, во најголем дел од инсталациите на паднатиот режим кои и натаму се во институциите, а делумно се преземени и од новодојдените припадници на актуелната власт (дел беа и партнери при владеењето на режимот), на кои таквата состојба добро им дојде. Посебно што процесот на ослободување најтешко и најбавно се одвива во институциите кои треба да се борат против криминалот и корупцијата – судството, обвинителството, Судскиот совет, Советот на обвинители, Врховниот и Уставниот суд, МВР…

МОТИВИТЕ: Веќе дома и во светот не поминуваат и во оваа пригода пласираните концепти и сфаќањата за водење на државата со тврди и бескомпромисни стравови и црвени линии кои се граничат или завлегуваат во национализам на експретседателите, туку меките ставови за компромиси и барање реални, остварливи решенија и соработка со меѓународниот фактор, без да се загрозат националните интереси, кои ги практикува актуелната власт и кои носат резултати. Врз ваков концепт се дојде до приемот во НАТО, а потоа и давањето виза за почеток на преговори со ЕУ (едниот експретседател Договорот со Грција го смета за „нужно зло“, другиот бара негово поништување, а двајцата едногласно се против Спогодбата со Бугарија). Таквата политика е особено неприфатлива за вториот, кој е еден од идеолозите на антиквизацијата, стратег за целосно помакедончување на државата и заговорник на „источните“ алтернативи.

ЦЕЛТА: Кај двајцата експретседатели, кои идеолошки и политички се крајно различни (иако се деца на социјализмот), се манифестира еден заеднички интерес кој, како што би рекол азилантот од Будимпешта, „се гледа од авион“ – да се собори актуелната власт, пред сè премиерот и лидер на владејачката партија, со пораз на локалните избори кои би предизвикале предвремени парламентарни избори или ново владејачко мнозинство во Собранието. Со тоа на нефер начин се определуваат на едната страна (што не доликува на поранешни татковци на нацијата) во дневно-политичкиот натпревар наречен (локални) избори. Секако, тоа ја носи водата на воденицата и ѝ дава шлагворт во кампањата на најголемата опозициска партија која сака да дојде на власт без да им се извини на граѓаните за декадата зулуми што им ги направи на граѓаните, на државата и на општеството и без да се реформира, а не покажува ни дека има персонален и програмски капацитет за водење држава.

Актуелната власт не е идеална и без грешки. Напротив, но таа и по цена на намалување на рејтингот, па и губење на тронот, посебно нејзиниот лидер, носеше храбри одлуки во интерес на државата и граѓаните, што не беше случај со експретседателите за време на нивните мандати. Вистинските државници се разликуваат од политикантите по залагање за остварување дури и на неможното, но го прифаќаат остварувањето на можното и реалното со правење компромиси. Вистински државници се оние  кои во своите ставови, размислувања и пресудувања ги отфрлаат емоциите, субјективноста и особено суетата зашто некој друг, што дошол по нив го остварил она што тие не успеале, а тоа е од поширок општествен интерес и од интерес за државата и на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот