Државата тргна во мисија за признавање на црквата

По писмото на претседателот Пендаровски, и премиерот Заев, со цел ова прашање повторно да се стави во фокусот на вниманието, му напиша на цариградскиот патријарх Вартоломеј и побара од него да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

По претседателот на државата Стево Пендаровски, и премиерот Зоран Заев му прати писмо на поглаварот на Цариградската патријаршија, патријархот Вартоломеј и побара тој да асистира за Македонската православна црква – Охридска архиепископија конечно да биде признаена како автокефална црква.

Според експертите за црковни прашања, со речиси идентичните писма пратени практично во исто време до патријархот Вартоломеј, политичкото раководство покажува решеност да ги затвори сите отворени прашања со соседните земји што би можеле да ѝ се испречат на Македонија во евроинтеграциските процеси.

Заев: Бараме да бидеме слободни

Од Владата соопштија дека премиерот Заев во писмото до неговата светост Вартоломеј се навратил на средбата во Истанбул од јануари годинава што се одржа на иницијатива на патријархот и побарал од него да се заложи за автокефалноста на МПЦ-ОА и за нејзиниот прием во заедницата на помесните православни цркви.

„Го почитуваме сето она што е одредено од меѓународните договори и состојби. Но, бараме да бидеме слободни и црковно во рамките на границите на нашата земја нашите архијереи да сослужуваат со архијереите од сите православни цркви во светот. Православниот народ во нашата земја заслужува црковна независност која ја сонува веќе цел еден век и очекува да ја види МПЦ-ОА признаена како автокефална, со благословот и со писмена одлука од првиот меѓу Христовите архиереи на земјата, цариградскиот патријарх Вартоломеј“, напишал Заев.

Прочитајте и...  ФОТО: Остра осуда од Турција на карикатурата на Ердоган во „Шарли Ебдо“

По иницијативата во Истанбул, каде што Вселенската патријаршија потврдила дека ќе посредува во решавањето на спорот помеѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква, познавачите на овој проблем во Македонија беа оптимисти дека решение може да се најде до крајот на оваа година. Но, противењето на СПЦ за асистенција од трета страна во, според нив, внатрешното прашање на СПЦ, изборите во Македонија и светската корона-криза го оставија овој спор на маргините. Премиерот Заев вчера појасни дека го пратил писмото затоа што било потребно ова прашање да се врати во фокусот и дека тоа го сторил во координација и со консултација со МПЦ-ОА.

– Сметаме дека по завршувањето на изборите, добро е да пратиме писмо до патријархот Вартоломеј за да продолжи да се држи во фокусот решавањето на ова прашање. Како што знаете, јас и тогашниот премиер Оливер Спасовски на почетокот на годината во Истанбул разговаравме за ова прашање и навистина во содржината на писмото го гледате тој повик – рече Заев.

Ако СПЦ не сака, ќе се најде кој сака

Според експертот за верски прашања и универзитетски професор Цане Мојановски, погрешна е тенденцијата на Балканот разни меѓусоседски прашања и проблеми да се оставаат неотворени со децении и затоа оваа иницијатива е за поздравување.

– Во тој контекст писмата на Заев и на Пендаровски ги сметам за обид да тргнат по можното решение на овој проблем. Тие му се обраќаат на патријархот Вартоломеј како на единствено надлежен да го реши спорот меѓу СПЦ и МПЦ-ОА за статусот на МПЦ-ОА, како лидери на земја во која две третини од населението се православни христијани што сакаат конечно да имаат призната црква во православниот свет – вели Мојановски за „Слободен печат“.

Прочитајте и...  УЕФА го најавува историскиот меч Грузија-Македонија

Тој објаснува дека СПЦ е формирана во 1920 година во тогашната држава СХС во која влегле сите православни епархии на тогашната територија, а по редот на нештата кога Македонија стана самостојна држава во 1991 година, СПЦ требаше да се раководи според новонастанатата ситуација, да уважи дека македонската епархија стана дел од друга држава и да ѝ го даде томосот за автокефалија, но тоа не се случи. СПЦ практично не сака да го реши проблемот со МПЦ, па затоа, според професорот Мојановски, барањето асистенција, односно повикот Цариградската патријаршија да биде еден вид апелација на овој спор, се наметнува како можно решение. Тој во потегот на Пендаровски и на Заев не гледа мешање на државата во верските прашања и објаснува дека МПЦ-ОА не праќа вакви писма до Цариградската патријаршија затоа што православните цркви не ја третираат како призната автокефална црква.

Аналитичарите сметаат дека МПЦ-ОА има право да ги бара своите патишта за признавање на нејзината автокефалност, а еден од нив е обраќањето до Вселенската патријаршија. Според толкувањата, тоа е легален и канонски оправдан чекор, што се гледа и од фактот што Вселенската патријаршија го ставила македонското барање во процедура. Канонски, цариградскиот патријарх е крајната власт при несогласувањата помеѓу епископите и митрополитите, односно Цариградската патријаршија има ингеренции да решава внатрешни црковни прашања што многу години стојат отворени и кои не можат да ги решат самите цркви или епископи.

Прочитајте и...  ВИДЕО | Арсовски: Сè уште немаме информација од ИЈЗ за контактите на Спасовски

Токму на ова укажа и претседателот Пендаровски во неговото писмо од 16 септември во кое побара патријархот Вартоломеј да го употреби неговото апелациско право и да го заврши спорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ.

„Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани што се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода. Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата црква да го употребите своето апелациско право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот“, напишал Пендаровски.

МПЦ-ОА го испрати апелациското барање до вселенскиот патријарх во 2018 година.

Поврзани вести

Собранието ги усвои новите мерки во борбата против Ковид-19

Слободен печат

Д-р Пановски објасни зошто се неопходни ригорозни мерки

Слободен печат

Мицкоски: Европа да ја разубеди Бугарија да не ја блокира земјава на патот кон ЕУ

Слободен печат

Вархеји го честиташе формирањето на новата Влада на Србија

Илинка Иљоска

Во Велика Британија 24 701 новозаразени, 310 починати

Илинка Иљоска

Позитивна на корона и пратеничката Славјанка Петровска

Марина Дамческа

Остави Коментар