Дрвените куќички „заминаа“ од плоштадот, иако Градот тврдеше дека ќе се користат цела година
Два дена откако од Град Скопје одговорија дека дрвените куќички, кои беа поставени уште пред Нова година и кои со месеци узурпираа половина од плоштадот „Македонија“ без никаква функција, не биле новогодишни туку дека служат за повеќе намени – вчера оттаму сепак се премислија и ги тргнаа од плоштадот.
Препорачано
Kуќарките на плоштад не се новогодишни, истите имаат повеќе намени и активно се користат за промоција на настани и активности на училиштата во Град Скопје и останати институции, планирани во текот на целата година – одговорија од Градот за „Слободен печат“ во петокот.
Во неделата со камиони куќичките беа однесени и беше ослободен просторот на централниот градски плоштад. Дали тоа беше направено поради притисок на јавноста или плоштадот треба да да се користи во изборната кампања без да пречат дрвените куќички, не е јасно. Можеби едноставно го потсетивме градското раководство дека на плоштадот има нешто „заборавено“.
Се надеваме дека од Град Скопје имаат некакво објаснување, затоа што е тешко да се поверува дека во една сериозна институција одговорна за функционирањето на Скопје, одлуките за било каква активност се носат од денеска за утре.


