Драстичен пад на продажбата на дневни и неделни весници во Хрватска
Според податоците на Агенцијата за пазарна конкуренција, лани продадениот тираж на сите дневни весници во Република Хрватска изнесувал околу 28 милиони примероци, што е за 15 отсто или дури 5 милиони примероци помалку од претходната година, информира Даница.хр.
Препорачано
Во Хрватска секој ден во просек се продаваат околу 76.700 примероци од дневниот печат. Најголем продажен тираж има дневниот весник „24 сата“, кој просечно продава меѓу 23.000 и 30.000 весници секој ден. Вториот е „Вечерњи лист“ со просечна дневна продажба од 15.000 до 23.000 примероци, а трет е „Јутарњи лист“, кој се продава од 8.000 до 15.000 примероци. Пад од осум отсто забележаа неделниците, кои минатата година продадоа вкупно околу 1,7 милиони примероци или во просек по 33.000 парчиња неделно.
Најпродаван лани беше задарскиот ултрадесничар „Хрватски тједник“, втор „7Дневно“, а трет „Меѓимурје“, кој со години беше број еден на пазарот. Сите три весници се продаваат во просек од 3.300 до 6.600 примероци неделно. Четврти и петти се неделните списанија „Национал“ и „24сата Експрес“, кои во просек продаваат меѓу 1.700 и 3.300 примероци секоја недела, покажуваат пресметките врз основа на податоците за нивните пазарни удели минатата година.


