Драмската тетралогија „Крвта на ветувањата“ е како симфонија на военото страдање
Во издание на „Перун Артис“ излезе од печат драмската тетралогија на современиот канадско-либански драматичар Важди Муавад под наслов „Крвта на ветувањата“, каде што се поместени драмите: „Шуми“, „Крајбрежје“, „Небеса“ и „Обгорени“.
Препорачано
Во својата пиеса „Обгорени“, која канадскиот режисер Дени Велнев ја преточи во остварување номинирано за најдобар странски филм, Важди Муавад вели: „Кој знае? Никој не разбира. Браќа пукаат на браќа, татковци на своите татковци. Војна. Но, каква војна? Еден ден пристигнаа 500.000 бегалци од другата страна на границата. Рекоа: ‘Нè истераа од нашите земји, дозволете ни да живееме со вас’. Некои луѓе од овде рекоа да, некои луѓе рекоа не, некои побегнаа одовде. Милиони судбини. И повеќе не знаеме кој во кого пука, ни зошто. Војна е. …“
Самата тетралогија претставува своевидна симфонија на военото страдање, но и сведоштво за човековата бестијалност и залудна неприкосновеност. Важди Муавад во оваа тетралогија говори за лакомоста и крволочноста на човекот кој решил да го уништи својот вид, за апсурдноста на воените налети, но и за измамата на непостојаната политика која брише цели народи од лицето на земјата.
Важди Муавад е либанско-канадски писател, актер и режисер. Тој е познат во канадскиот и во францускиот театар по политички ангажирани дела, како што е прoчуената драма „Обгорени“ од 2003 година. Неговите дела често се врзани со семејни трауми, војна и предавството на младоста.
Роден е во Либан, а неговото семејство ја напуштило земјата кога имал осум години, поради избувнувањето на Либанската граѓанска војна. Пет години живеел во Франција, а во 1983 година се преселил во Монтреал. Во 1998 година неговото дело „Вили Протагора затворен во тоалетите“ е прогласено за најдобра продукција од Асоцијацијата на театарски критичари на Квебек.
Од 2000 до 2004 година го водел Théâtre de Quat’sous во Монтреал. Во 2004 година го режирал и продуцирал својот прв филм „Крајбрежје“, заснован на истоимената драма. Во септември 2007 година станал уметнички директор на францускиот театар при Националниот уметнички центар во Отава, Канада. Од април 2016 година, Муавад е директор на Националниот театар „Ла Колин“ во Париз.
Изданието на тетралогијата „Крвта на ветувањата“ на Важди Муавад е поддржано од Канадскиот совет за уметност, а преводот на драмите од француски јазик е на Катица Гароска Ацевска.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 332, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.5.2026)


