Драматични сцени во Сараево и во Подгорица: испразнета кула со 35 ката по дојава за бомба
Полициските служби во БиХ и Црна Гора спроведуваат итни проверки по дојави за наводно поставени експлозивни направи во повеќе објекти, вклучително и трговски центри во Подгорица и деловната кула „Аваз Твист Тауер“ во Сараево, пренесува Анадолу.
Препорачано
Управата на полицијата презема итни мерки откако до црногорските медиуми преку електронска пошта била испратена дојава за наводно поставени експлозивни направи во трговските центри „Биг Фешн“ и „Сити мол“ во Подгорица.
Од полицијата соопштија дека службениците веднаш реагирале по добиената информација и започнале проверки на терен.
„Службениците на Управата на полицијата веднаш постапија по наведената дојава и преземаат итни мерки и активности во врска со наведеното“, се наведува во соопштението.
За случајот е известено и надлежното Основно државно обвинителство во Подгорица, кое го следи понатамошниот тек на активностите.
Како што соопштија од полицијата, паралелно со проверките на локациите се работи и на идентификација на лицето кое ги испратило спорните електронски пораки.
Од полицијата порачаа дека јавноста навремено ќе биде информирана за резултатите од преземените активности.
Евакуација на „Аваз Твист Тауер“
Во Сараево исто така е примена дојава за поставена бомба во „Аваз Твист Тауер“, објави „Дневни аваз“.
Веднаш на терен се упатени полициски екипи кои спроведуваат итен преглед на објектот.
Целата зграда со 35 ката е блокирана, а од безбедносни причини спроведена е целосна евакуација. Сите работници, вработени и лица кои во тој момент се наоѓале во објектот морале да го напуштат објектот.
Од Оперативниот центар на Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево потврдија дека полициските службеници се на терен и дека е во тек преглед.
Полициските службеници моментално го обезбедуваат поширокото подрачје околу зградата, додека специјализираните екипи детално го прегледуваат просторот за да утврдат дали постои реална опасност.


