ДПМ како некогаш СКМ — ќе бира претседател од еден кандидат
Гордана Јовиќ-Стојковска е единствениот кандидат за претседател на Друштвото на писателите на Македонија на претстојното редовно изборно Собрание на ДПМ. Средбата е закажана за 30 мај. ДПМ соопшти дека изборот на новото раководство оваа година „за првпат ќе се одржи со гласање во живо, но и со онлајн-гласање“, што е во контраст со ретро-духот од времето на социјализмот што го наметнува одржувањето избори на кои се гласа за само еден кандидат.
Препорачано
Во соопштението, Друштвото ја наведува биографијата на кандидатката.
Гордана Јовиќ-Стојковска е романописец, раскажувач, поетеса, преведувач и книжевен критичар, творец на дела на македонски и на српски јазик, родена 1961 во Грделица, Србија, каде што го има завршено основно и средно образование. Во Скопје доаѓа да живее по запишување на студии на Биолошкиот факултет. Книжевната кариера ја започнала уште од рани младешки денови објавувајќи во списанијата за култура и млади во тогашната Југославија. По одлуката да живее во Скопје, таа го изучила македонскиот јазик, на којшто ја објавува својата прва книга.
„Noctambulissmus (Северно талкање)“ која што е објавена како награден ракопис на тогаш југословенскиот конкурс за дебитантска книга при Книжевниот клуб Куманово. Со оваа поетска книга Гордана Јовиќ – Стојковска добива награда Млада Струга 1989. Од крајот на истата година раководи со Книжевна младина на Македонија како Претседател. Во неа во периодот до 2002 година промовира и објавува голем број дебитантски книги на сега афирмирани млади писатели, воспоставува контакт и соработка со врвни автори од Бугарија, Кипар, Турција, Русија и одржува континуирана соработка со писателите од просторот на дотогашната Југославија. Во периодот од 1990 до 1994 Јовиќ – Стојковска работи во МРТВ како сценарист, каде што реализира детски ТВ драми и серии, меѓу кои се издвојуваат првиот детски игран филм во Македонија на турски јазик „Споменар“ и серијалот „Децата на Македонија“. Активно се занимава со книжевна критика и афирмација на српската книжевност во Македонија и обратно, а во тоа време ја промовира и современата македонска книжевност во Бугарија на Книжевните колонии во Несебар и на Филолошкиот Факултет во Софија, каде во организација на др. Константин Оруш, таа учествувала во Курсот по македонска книжевност.
Сите нејзини романи се објавени на српски и македонски јазик, нејзините дела се преведени на повеќе светски јазици, застапени се во повеќе антологии. За својот книжевен опус Јовиќ – Стојковска има добиено повеќе значајни награди меѓу кои: Млада Струга, Златната значка на Културно просветна заедница на Србија и Сесловенското признание – Белорусија, Мелничка награда – Бугарија, награда Битолски круг, награда „Мост“ на Друштво на писатели на Македонија, награда „Петар Кочиќ“ и други признанија, наведуваат од Друштвото на писателите.
МОБ се прости од првенецот Ристе Велков: Изгубивме исклучителен уметник


