Доставувач на храна на велосипед со огромна брзина удрил во активистката Ана Глигорова

Ана Глигорова / Фејсбук

Активистката Ана Глигорова заврши во болница откако вработен на велосипед на компанија за достава на храна, вчера, со брзина од 20 километри на час, удрил директно во неа додека го возела својот велосипед во близина на Градскиот парк. Глигорова е пуштена на домашно лекување, но има голем број на набиеници, болки во ребрата, левата страна од главата, раката и вратот.

Ана Глигорова / Фејсбук
Ана Глигорова / Фејсбук

Велосипедистот со брзање возел на нејзината страна од патеката, а ударот не можел да биде избегнат. Таа за „Слободен печат“ вели дека во сообраќајот во Скопје, покрај автомобили и мотори, добар дел од учесниците се велосипедисти, но дека законската регулатива недоволно е фокусирана на тоа дека човек може многу да настрада и на велосипед. Дури и доставувачот на храна, кога ја удрил и рекол дека „нема правила”. Голем дел од градот не е покриен со велосипедски патеки, што на милост и немилост ги изложува велосипедистите.

– Ми се појави црно пред очите. Ударот беше многу силен. Имам болки во ребрата, главата, набиеници во фацијалниот дел, левата рака. Леташе три метри откако ме удри. Работат на норма и не внимаваат. Нема правила, ми вели. Кога дојде брзата помош и него му рекоа да влезе, дека не е добар, ама не сакаше, морал да се врати на работа. Тоа е проблематичниот капитализам. Сметам дека треба да има некои обуки или критериуми за тоа кој може да вози велосипед кога е професионално ангажиран. Не носеше ни кацига. Уште сакаше и крива да ме направи. Вратот не го чувствувам. Три ипол часа бев во ГОБ „8 Септември“ на испитувања, снимања на мозокот, но најверојатно немам повреди на мозокот.  Да не беше живата ограда ќе успеев да се тргнам, но вака, немаше што да направам. Паметам само многу силен удар, огромни болки и црно пред очите, вели Глигорова за „Слободен печат“.

Кога брзата помош ја пренела во ГОБ „8 Септември“, таму дошла полициска екипа, ама за друг случај, за моторциклист кој учествувал во сообраќајка. Глигорова им раскажала и за нејзината ситуација, дека штотуку била жртва на удар од велосипедист, но полицијата не изреагирала. Записник од настанот не е направен, зашто полиција не била викната на лице место.

– Приоритетно ми беше да дојде брзата помош, вели Глигорова.

По трите часа поминати на ортопедија, со оклоп на вратот, откако резултатите од рентген и компјутерска томографија пристигнале, таа била пуштена на домашно лекување каде одмара и зацелува. И покрај силните болки, нема сериозни повреди, но шокот и траумата од настанот, остануваат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот