„Допирот“ создава исклучителен микрокосмос со посебна енергија

Галериските простории на Мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија на 15 септември беа претесни за да ги соберат сите посетители што дојдоа да го почувствуваат човечкиот „смртоносен“ допир како најголема цивилизациска „придобивка“ забележан од друг агол, низ уметничка призма, свест и емпатија за глобалното опкружување во рамките на интернационалната уметничко-еколошка изложба „Допирот“.

Делата на македонските уметници Елпида Хаџи-Василева, Кристина Пулејкова и Велимир Жерновски, како и странските уметници Уриел Орлоу, Шарлот Проџер, Луис Хендерсон, Бедвир Вилијамс и Бен Риверс организационо распослани низ огромниот простор на „Мала станица“, поделени индивидуално и независно еден од друг, создадоа заедништво на еден исклучителен микрокосмос со посебна енергија на висока фреквенција. Визуелни, аудио, перцептивни пораки го окупираат умот на посетителот под опсада за алармантната ситуација во која главната улога ја игра – човекот.

Изложбата „Допирот“ е дел од проектот „Ние сме тука: идни екологии“, мултимедијален проект на кураторот Ана Франговска, во соработка со Националната галерија на Република Северна Македонија, во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“, а потпомогнат е и од Министерството за култура на РС Македонија.

Изложбата е придружена со голем број активности со помош на кои ќе се продлабочи дебатата околу мошне актуелното и горливо прашање за заштита на животната средина и развивање на свеста со помош на уметноста како медиум, и тоа: отворени онлајн разговори со уметниците и кураторите, панел-дискусии, работилници за млади и возрасни поврзани со екологија и уметност на подвижни слики, работилница за инклузија на лица со посебни потреби, конференции, презентации на интердисциплинарни соработки помеѓу дивергентни факултети, кураторски водства низ поставката итн.

Изложбата ќе биде поставена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија до 15 октомври 2021 година.

(Текстот и фотографиите се објавени во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот