Домашна нега за лица со попреченост и инфицирани со ковид-19 низ Охрид

Преку проектот „Cross4all” имплементиран од страна на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, а во соработка со Црвениот крст од Охрид како и Центарот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан” ќе се обезбедува примарна здравствена услуга за лица со лица со попреченост или намалена мобилност од градот.

Имајќи ја предвид актуелната ситуација наметната со епидемијата на коронавирусот, проектот ќе биде проширен и со здравствени услуги и домашни посети од стручни медицински екипи и на лица што се во изолација односно позитивни на Ковид-19.

На денешната промоција на обезбедената опрема беше појаснето дека станува збор за формирање четири медицински тимови, од кои две мобилни екипи, што ќе бидат на располагање на лицата со здравствени проблеми или лица во изолација односно инфицирани со Ковид-19.

– Два од тимовите ќе бидат стационирани во објектот на Црвениот крст, а другите два ќе бидат мобилни. Тие ќе работат според однапред утврдена динамика, а граѓаните кои имаат потреба од здравствена услуга односно лица со потешкотии прегледите ќе ги закажуваат преку телефон. За медицинските тимови обезбедена е најсовремена дијагностичка опрема, како и ново возило, истакна Сашо Точков од Црвен крст – Охрид.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески посочи дека медицинските тимови ќе испорачуваат здравствени услуги од областа на превенција, дијагностика, претходна оценка, упатства, услуги на рецепти во домовите на лица со попреченост или намалена мобилност.

– Посебен акцент ќе биде ставен на домашните посети со медицински и психолошки прегледи на пациенти позитивни на Ковид-19. Мобилните тимови во голема мера би ја олесниле и работата на здравствените институции и медицинскиот персонал во услови кога се преоптеретени и со исполнети капацитети, истакна Георгиески.

Со работа четирите тима започнуваат од вторник, секој од нив составен од лекар, медицинска сестра, психолог и социјален работник. Она што е особено важно за работата на тие медицински екипи е тоа што свремената опрема што ќе ја користат овозможува мрежно поврзување, што значи дека за секој пациент ќе може да се отвори историја со сите податоци за извршен преглед, утврден наод, издаден рецепт и слично, што ќе биде од полза при потреба од дополнителни медицински услуги.

Виолета Мојсоска од Заводот за кардиоваскуларни заболувања истакна дека на пациентите ќе им бидат овозможени основни здравствени услуги, со предлози, препораки од лекар за промена на терапија, насоки за промени во начинот на животот, но и напатствија за натамошно лекување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот