Докторка од Македонија прими две дози од „Фајзер“ во Хрватска: Без страв се вакцинирав против ковид-19!

Силвана Младеновска, лекарка која што по потекло е од Македонија, но живее и работи во Хрватска, веќе прими две дози од вакцината против ковид-19. Нејзиното искуство кое го сподели за „Слободен печат“ е позитивно. Станува збор за вакцина од производителот „Фајзер“, којашто кај неа не предизвикала никакви несакани ефекти. Еднаш неделно, нејзината работа вклучува и ангажман во Центарот каде што се прават ПЦР тестови.

Првата доза ја примив на 27 декември, а втората на 18 јануари. Првиот пат имав лесна болка на местото на убодот. По примањето на втората доза немав ни болка. Нус појави и несакани дејства немав. Работам како доктор во здравствен дом Оточач, во личко-сењската жупанија во Хрватска. Ја водам амбулантата во Врховине и работам во стационарот во Оточач, вели Младеновска.

Таа додава дека за жал, само мал дел од здравствените работници решиле да ја примат вакцината, со напомена дека таа не е задолжителна ниту за здравствените работници. Никој не ги присилува, ниту им кажува дека ќе ја загубат работата доколку одбијат имунизација.

– Избор немавме, беше донесена само „Фајзер“ вакцината, немаше од друг производител. За жал, само мал дел од здравствените работници ја примија. Еден дел сакат да почекаат, други не веруваат ни во пандемијата, ни во ефикасноста на вакцината. Без страв ја примив вакцината. Читав доста, следев научни трудови. Контактирав со колеги кои работат со ковид пациенти. Свесна сум дека последиците од прележаната инфекција се многу пострашни и остануваат хронични последици.  Новите вакцини се безбедни и ефикасни. Верувам во новите достигнувања на медицината, посочи доктор Младеновска.

Таа вели дека секојдневно се труди да ги едуцира пациентите, за заштитните мерки и за вакцината. Директна работа со ковид пациенти имала само во амбуланта, но ретко и со полесни случаи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот