Доктор открива: Како пиењето алкохол на сонце влијае на вашето тело

Фото: Pexels/ Campus Production

Поради топлото време честопати знаеме да посегнеме по ладно пиво или чаша освежително вино. Но, додека жешките денови нѐ тераат да се ладиме со освежителни пијалоци, можеме да си направиме и голема штета по нашето здравје, како зголемување на ризикот од срцев удар, рак или предвремено стареење, пишува „Њусвик“.

Сепак, ова не значи дека не можете да уживате во неколку пијалоци додека сте изолжени на сонце. Доктор Роберт Милер, открива кои се скриените ризици од консумацијата на алкохол на сонце и како да ги избегнете.

Едно од најчестите верувања за пиењето алкохол на сонце, е дека можете полесно да се опиете. Иако, прекумерното пиење речиси секогаш ќе заврши со пијанство, може да постојат и други штети по вашето здравје.

Фото: Pexels/ mariam antadze

Луѓето претпоставуваат дека алкохолот има зголемен ефект, доколку се консумира на сонце, но самиот алкохол не е под никакво влијание на сонцето. Последиците од зголемената консумација, најчесто се поврзуваат со симптомите на дехидрација, бидејќи тогаш луѓето не внесуваат доволно безалкохолни течности, односно вода.

Докторот објаснува дека, кога сте дехидрирани, исто така губите минерали и течности преку потење, што може да придонесе до поголема концентрација на алкохол во крвта, влошувајќи ги ефектите на алкохолот. Според него мешањето алкохолни пијалоци во топлите денови, може да доведе и до поголема дехидрација и топлотна исцрпеност.

Високите температури ги зголемуваат шансите за дехидрација заедно со алкохолот, за кој е познато дека го забрзува процесот, блокирајќи го мозокот да произведува хормон наречен антидиуретичен хормон.

Фото: Pexels/ ruslan khmelevsky

„Овој хормон се произведува во хипоталамусот и е одговорен да им дозволува на бубрезите да одржуваат рамнотежа на течностите. Честата или постојана дехидрација може да доведе до сериозни проблеми со бубрезите“, вели д-р Милер.

Иако предупредувањата поврзани со пиење на поголеми количини на алкохол се фокусираат на состојбата на црниот дроб, неговата консумација исто така, има штетен ефект и врз вашето срце.

„Прекумерното консумирање алкохол во услови на продолжена изложеност на топлина и сончева светлина, оптоварува повеќе органски системи, вклучително и кардиоваскуларниот систем, кој често работи прекувремено, за да се одржи правилната циркулација на крвта. Преголемиот напор на срцето може да резултира со зголемен пулс, што може да се почувствува како палпитации, па дури и вртоглавици“, објаснува докторот.

Меѓу другото, прекумерната изложеност на УВ зраци е силно поврзана со одредени видови на рак на кожата, а консумирањето алкохол исто така може да биде канцерогено.

Негативните ефекти и на алкохолот и на ултравиолетовата светлина од сонцето врз кожата, најголемиот орган на човечкото тело, се истражувани и потврдени. Премногу УВ зрачење може да ја смени ДНК во клетките на нашата кожа, која може да мутира со текот на времето и со тоа да се развие во канцерогени клетки.

Фото: Pexels/ Kampus Production

Изложеноста на ултравиолетовите зраци, исто така, предизвикува значително оштетување на изгледот на нашата кожа, предизвикувајќи пигментација и распаѓање на ткивата на кожата, што доведува до предвремени брчки.

Слично на тоа, алкохолот предизвикува кожата да дехидрира, што овозможува брчките да се појавуваат побрзо и да го намалат квалитетот на изгледот на кожата.

И покрај горенаведените предупредувања, доколку умерено уживате во некој алкохолен пијалок на сонце, мали се ризиците по вашето здравје. А, ако знаете дека ќе биде долг и забавен ден на сонце, направете малку подготовка однапред според советите на д-р Милер:

Фото: Pexels/ Karolina Grabowska

– Ограничете ја изложеноста на сонце, додека пиете алкохол за да го намалите ризикот од дехидрација;

– Останете хидрирани со соодветен внес на течности, како што е водата;

– Никогаш не пијте на празен стомак. Јадењето храна пред и за време на пиењето ќе ја забави апсорпцијата на алкохолот;

– Секогаш кога пиете алкохол на сонце, носете заштитна облека и крема за сончање, за да ја ограничите изложеноста на штетните сончеви зраци кои можат да ја оштетат кожата;

– Не мешајте алкохол со други лекови кои може да ги зголемат седативните ефекти на алкохолот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот